САД формираат фонд за земјите од Југоисточна Европа, во смисла на донации за осовремување на опремата и оружјето на земјите од Југоисточна Европа, во кој покрај поранешните републики од југословенската заедница се вклучени Грција, Албанија и Бугарија. Во рамките на оваа американска фондација Македонија бесплатно ќе добие одреден број транспортери со кои ќе ги замени застарените со кои располага АРСМ
Колку влијаат бизнисите на глобалните производители на армиско оружје и оружени системи врз државните релации меѓу земјата продавач и онаа што купува и дали глобалната трговија со оружје ја моделира меѓународната политика од која Македонија во минатото и сега станала колатерална штета во тие геополитички игри? Овие дилеми се актуелни во домашната јавност во период кога сѐ поевидентно се затегнуваат релациите меѓу ЕУ и САД во делот на процесот меѓу Европа и Америка, во кој се регулираат трговските рамки со кои треба во иднина да се врши меѓународната трговија со оружје.
Во свој прилог на темава, медиумот „Еуро њуз“ информира дека договорот за трговија со оружје е клучна точка во која можат да се нарушат традиционалните релации на сојузниците од Европа и од САД. Натаму, српскиот весник „Блиц“ слично за овој проблем наведува дека францускиот претседател Емануел Макрон ги затега односите со долгогодишниот традиционален партнер Белгија, токму поради одлуката на белгиската влада да купи американски борбени авиони од типот „Ф-35“ наместо францускиот „рафаел“. Тензијата меѓу двете земји, како што пренесува српскиот медиум, деновиве е на највисоко ниво откако Франција на Белгија неодамна ѝ понудила структурно партнерство преку француските авиони, а Белгија ги одбила. Оттаму се наметнува прашањето дали големиот број анализи на оваа тема останаа пократки за еден одговор, дека всушност секогаш во ЕУ станувало збор за борбата околу парите и ништо повеќе, а новата методологија на проширување, што ние ќе ја чекаме и периодов ни се сервира од Брисел како образложение за „француското вето“, е всушност приказна за мали деца. За да станат работите појасни, доволно е само да се фрли поглед и малку подлабоко да се анализираат односите внатре во Унијата и во НАТО, коментираат некои од домашните познавачи на состојбите.
Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски вели дека всушност секогаш во ЕУ и во НАТО станувало збор единствено за интересите, а не за идеологиите.
– Трамп воопшто не крие дека НАТО треба да купува американско оружје. Целта на сите нивни политики сврзани со Алијансата се сведуваат на поголеми одбранбени трошоци на членките и на набавки на американски производи. Деновиве НАТО потпиша договор за набавка на авиони од марката „боинг“ во вредност од 1 милијарда долари. Од друга страна, основата на новите политики на Макрон се сведува токму на европско осамостојување од американската зависност, вклучувајќи го и НАТО. Во тој контекст не зачудуваат и тензиите меѓу Франција и Белгија, бидејќи Макрон е апсолутно во право – ако Стариот Континент не почне да води европска политика ќе продолжи да биде американски вазал – вели Никовски.
На истава тема докторот по воено-политички науки, Благоја Марковски, вели дека кога стануваат збор за интересите не постои никакво пријателство ниту пак идеологија.
– Воопшто кога станува збор за меѓународните односи тие се темелат на интересите и тука не постои никакво пријателство. Можат да постојат идентичности по основа на идеолошките очекувања, но на крајот сѐ се сведува на интересите кон сопствената земја. Од тој аспект и во воената индустрија, односно продажбата и купувањето оружје и воена опрема без оглед на тоа која земја колку може пријателски да биде настроена кон друга, сепак во прв план доаѓаат интересите – истакнува Марковски. Според безбедносниот експерт, Европа отворено сака да се осамостои од САД при носењето на своите одлуки токму поради бизнисите и интересите на европските производители на средства за вооружување.
– Како што е познато САД формираат фонд за земјите од Југоисточна Европа, во смисла на донации за осовремување на опремата и оружјето на земјите од Југоисточна Европа, во кој покрај поранешните републики од југословенската заедница се вклучени Грција, Албанија и Бугарија. Во рамките на оваа американска фондација Македонија бесплатно ќе добие одреден број транспортери со кои ќе ги замени застарените со кои располага АРМ, но истовремено покрај барањето на САД задолжително да се замени руската технологија во оваа донација до споменатите земји, тие истовремено на некој начин ги условуваат истите тие за купување на уште такви средства и опрема и истовремено бараат сервисирање од страна на американски стручни лица. Тоа значи дека и овде преовладува не само пријателскиот однос кон одредена земја туку и интересот на Америка од една страна да се елиминира технологијата од источно потекло, а од друга страна да се продолжи со купување иста таква техника од САД, односно во корист на нивната воена индустрија – додава Марковски.
Воено-безбедносниот експерт дообјаснува дека Македонија директно не е заложник.
– Е сега дали Македонија во контекст на сево ова може да биде заложник, мислам дека не, затоа што без оглед на геостратегиската позиција нејзините цели се вклучувањето во НАТО и во ЕУ и споделување заеднички вредности во рамките на овие две организации. Ако веќе некоја земја ги споделува тие вредности, мала е веројатноста да биде подложена на негативни влијанија од интересот на соодветната земја – заклучува Марковски.
Во меѓувреме, како доказ дека трговијата со вооружување за армиите влијае врз зајакнувањето на релациите меѓу државите, можеби можат да се протолкуваат дел од многубројните публикации на оваа тема. Во публикација на темава на американската економска комора, насловена „Релациите помеѓу безбедноста и трговијата“ пишува дека од Втората светска војна па наваму во светот е формирана политичка клима во која економиите на сојузниците од една војна тесно соработуваат меѓу себе. Токму во тој правец, се наведува во публикацијата, САД ја зазела највлијателната улога во снабдување на оружје и воена технологија со своите воени и политички сојузници од Западна Европа.
Британскиот весник „Индипендент“, пак, на оваа тема пишува дека големите и моќни држави продавајќи оружје и вооружени системи влијаат политички врз послабите и на тој начин купуваат најчесто нафта и обезбедуваат политичко влијание. Во својот осврт на случувањата, „Индипендент“ својата анализа ја темели на релациите на западните земји со примерот на Саудиска Арабија.
Британскиот весник „Тајмс“ исто така пишува дека купувањето на контроверзниот руски систем за оружје „С-400“ од страна на Турција отвори невиден јаз во американско-турските односи и ја предизвика најголемата криза во НАТО со децении. Односите меѓу двете земји-членки на НАТО се влошија откако администрацијата на Трамп официјално го сопре купувањето од страна на Турција на американскиот воен авион со најновата технологија стелт. Овој потег беше одговор на одлуката на претседателот Реџеп Ердоган да го купи рускиот систем за противвоздушна одбрана „С-400“, кој е некомпатибилен со системите на НАТО за воздушна одбрана, но и да не набави ваков систем произведен од западните земји.