ЕУ го практикува добро познатиот РЕЦЕПТ (1)
Политичките истражувања и студии говорат дека лицемерството во намерите на големите сили кон остварувањето на нивните скриени цели (економски и политички) е, всушност, и креатор на овој, можеби, најголем проблем со миграција на човештвото во 21 век
Минаа повеќе од четири години од првиот удар на таканаречената голема мигрантската криза во која, всушност, беше зафатена и Македонија. Иако земјава на почетокот од кризата од големите сили беше посочувана како европскиот браник на неконтролираниот наплив на бегалци, кои се обидуваа да се пробијат кон Западна Европа, сѐ уште останаа сомнежите во јавноста кои беа креаторите на таа криза, зошто и дали големите сили меѓу кои и европските најмоќни држави биле длабоко вклучени во создавањето на оваа „геополитичка игра“, која го стресе регионот, но и целиот свет. Политичките истражувања и студии, кои се направија на оваа тема и по неколку години од нејзиниот почеток, сѐ уште се актуелни и говорат дека лицемерството во намерите на големите сили кон остварувањето на своите скриени цели (економски и политички) е, всушност, и креатор на овој, можеби, најголем проблем со миграција на човештвото во 21 век.
Со ваква анализа излезе неодамна реномираниот хрватски портал „Геополитика њуз“, кој наведува дека, всушност, преку мигрантската криза моќните држави во светот САД, но и другите од Европа меѓу кои и Германија учествувале во создавањето на оваа перманентна нестабилност, со намера западниот свет да ги контролира политичките процеси и подоцна да создаде нови економски пазари каде што овие моќни земји во иднина би профитирале при обновата на државите од кои бегалците доаѓале или минувале. Во исто време, порталот наведува дека „најмоќните држави“ се способни да го згаснат проблемот кога тие ќе посакаат. За аналитичарот Марио Стефанов ваквата нестабилност, која се формираше со мигрантската криза, е во интерес на големите сили. Тие сакаат во овој регион на Западен Балкан, но и на Блискиот Исток да нема стабилност, да постојат држави што не функционираат добро и да бидат водени од владејачките сили на европската политика со континуирано нивно активно учество. Тоа би било така додека тие не одлучат да се смири тензијата и регионот повторно да се врати на нормален колосек, односно кога тие ќе си ги остварат своите геостратегиски цели што, всушност, сега и се случува.
– Има јасно видливи факти и низа причински настани и изјави на европските политичари и бизнисмени од времето и процесот на миграцијата, кои се премолчуваат и се носат во заборав. Тоа е така за да се сврти вниманието на друго, а не на точката на длабоката вмешаност на европска политика во иницирањето и контролата на миграцијата, која предизвика малтретирање на европските граѓани, но и на другите народи – наведува Стефанов во својата анализа.
Според него, најмоќните европски земји и ЕУ се длабоко инволвирани во кризата, а првата и основна насока за дејствување на европската политичка елита во мигрантската криза била преку своите финансиски економски центри да го врати во живост исламистичкиот тероризам, при што понатаму преку негово сузбивање ќе се експлоатираат и унапредуваат западните политики и влијанија каде што ги нема. Во исто време преку ваквата криза, како што наведува аналитичарот, ќе се сврти вниманието кон решавањето на тој проблем и ќе се затворат патиштата и геополитичките игри на Русија и на Кина, кои во исто време исто така посакуваат да ги шират своето влијание и политички интереси насекаде низ светот.
– Втората причина поради која беше формирана мигрантската криза е всушност потребата на најмоќните европски сили преку иницирањето и одржувањето на миграцијата да се обезбеди нова евтина работна сила од Блискиот Исток во Европа за потребите на водечките европски економии, особено во Германија – се вели во анализата.
Сосема на крајот од анализата се наведува дека, всушност, ништо не било случајно и спонтано за време на мигрантската криза. Европа не е жртва на никого во целиот тој процес, а САД преку нивното индиректно учество во справувањето на исламистичкиот тероризам зазема улога на стабилизатор на кризата каде што во исто време преку тој чекор се обидува да ја истисне Русија од обидите за помош на Европа за справување со миграцијата.
Продолжува…