Анализа на новата провокативна книга за нациите и национализмот на израелскиот политички аналитичар Јорам Хазони
И за толкувањето на национализмот постојат најмалку две страни, од кои секоја има да каже по нешто. Погласната страна подвлекува дека тоа е синоним за расизам, прогон и за војна, дека национализмот е одговорен за Првата светска војна, дека национализмот е столбот на нацистите. Но изненадувачки е дека еден израелски политички теоретичар, Јорам Хазони, нема да се согласи со ништо од ова
Племињата се состојат од семејства, но тоа не значи дека тие се базирани само на крвна врска, семејствата, конечно, вклучуваат членови по избор, какви што се брачните партнери, посвоените и новородените деца. Племињата со заеднички јазик, вера и искуство во борбата против заедничкиот непријател имаат причина да се здружат во еден поголем ентитет – нација, која е на повисок ранг од своите составни делови – племињата. Племињата се склони да се расправаат меѓусебно, оставајќи се на милост и немилост на своите непријатели. Потчинувајќи ги племињата на една супериорна власт, нацијата воспоставува услови во кои самоопределувањето и слободата на нејзините составни елементи може да процветаат. Хазони не го смета за многу важен Томас Хобс, кој го толкува – следејќи го Лео Штраус, меѓу другите – во принцип како либерален индивидуалист. Слободата што го интересира Хазони не е онаа на индивидуалецот, туку слободата на групите на кои тој им припаѓа. Природната лојалност – љубовта на родителите кон децата и на децата кон родителите, љубовта кон браќата, сестрите и роднините, љубовта на брачните партнери, како и онаа на војниците за нивните другари од четата – токму таа е лепилото што го сврзува племето, а над него – нацијата.
Нацијата на поединци е контрадикција самата на себе, бидејќи ништо не би го „залепило“ поединецот за властите што се наоѓаат над него во отсуство на вакви посебни лојалности. Само употребата на сила и моќта на парите би можеле да го поврзат граѓанинот со друг граѓанин и граѓанинот во држава, кога би немало одредена племенска рамка. Национализмот е доблест, затоа што е збир и израз на пониски и поинтимни типови верност. Постои доблест и во начинот на кој нацијата им дава слобода на своите компоненти да се усовршат – практикувајќи ги доблестите на религијата, семејството и на заедницата. Тука постои простор и за поединецот, на пресекот помеѓу овие групи и нацијата во целина. Хазони исто така не заборава да истакне дека во реалноста ниту една нација не е целосно хомогена или природна: во секоја голема нација постојат и странци што се во средина на племињата, па затоа е потребна толерантност на сите нивоа за тие странци да ја добијат неопходната почит како личности со свои обичаи. Хазони е строг противник на нетолеранцијата. Но не е противник на слободата на државата да постави сопствени стандарди на гостопримство, како и на слободата да го дефинира своето членство според сопствените услови. Сето ова е релативно соодветно на израелското искуство, библиското и модерното.
Ако малку „прочепкате“, можеби ќе видите опис и на некои европски нации, со заеднички корени за јазик, племенски врски и конфликти со соседите. Хазони ги опишува и САД, меѓутоа како нација-држава, со индивидуални држави што служат како дискретни племиња што ја сочинуваат нацијата. Тој дозволува и другите видови групи, вклучувајќи ги и групите со заеднички интерес, во денешно време да имаат племенски карактер. Сево ова може да се развлече многу нашироко, ако се сфати буквално: Северна Каролина, колку и да е специфична, сепак не е племе. Хазони не посветува доволно внимание за да истражи како САД би можеле да бидат „племенски“ во една лабава, но сепак прецизна смисла. Ќе беше добро да каже повеќе за американската мешавина од религиозни и расни елементи како еден вид „виртуелни племиња“. Дури и тогаш ќе имаше основа за скептицизам – но ако ништо друго, Хазони ризикуваше да постави една хипотеза што е вредна за тестирање. Би можела ли и Америка, разновидна и индивидуалистичка каква што изгледа на прв поглед, да биде племенска нација?
Либералите нема да бидат задоволни од толерантноста на Хазони кон малцинствата.
Тој ги предизвикува играјќи „на нивен терен“. Дали сеопштата толеранција што тие ја наложуваат, а се базира врз апстрактни човекови права, навистина е толку толерантна? Универзализмот според својата природа не признава никакви исклучоци, па иако универзалните тврдења треба да се засноваат на разумност, резултатот е дека секој што искажува различно мислење мора да е неразумен, глупав, ирационален или перверзен. Народите може да ги почитуваат другите народи исто како што бараат почит за самите себеси, а истото тоа се однесува и на племињата. Но во универзалната моќ нема исклучоци, таа не признава друг статус освен еднаквоста. Затоа секогаш победува. Хазони образложува – мора да се каже, повеќе по пат на инсинуација отколку демонстрација – дека теоретскиот универзализам води кон практицирање на империјализам. Поголемиот дел од човековата раса во најголем дел од својата историја живеел во империјална или во племенска средина. Раѓањето на нациите е исклучителен политички процес. Хазони го идентификува почетокот на Израел со оној од Библијата, но национализмот доаѓа во Европа дури по преродбата на протестантите, чии библиски основи воделе до создавање нации слични на Израел, кои не тежнеат кон универзална империја. Католичката црква и Светото Римско Царство, според Хазони, се стремеле кон токму таква неограничена надмоќ. Хазони се повикува на „протестантската изградба“ на Западот, политичкиот поредок што произлезе од Вестфалскиот договор и доведе до многубројни одвоени национални држави, меѓу кои најкарактеристични се оние на Англија и на Холандија, кои повремено биле загрозувани од „католичка Шпанија“, со своите хабсбуршки врски со Светото Римско Царство.
Има многу вистина во ова, но Хазони го преувеличува своето гледиште, дозволувајќи ѝ на својата теорија да го раководи неговото разбирање на историјата – или поточно, да го доведе во заблуда. Не секоја империја тежнее кон универзална надмоќ, ниту пак секој универзален етички или религиозен систем се интерпретира како светски империјализам. Историјата на средниот век е далеку посложена и поконтрадикторна од теоријата на Хазони.
Иако никогаш не е „безбедно“ да се генерализира околу илјадагодишната европска историја, до степен на процена на влијанието на Католичката црква во средниот век, секогаш мора да се има предвид нејзиниот страв од секуларната држава – особено од можноста за владетел, поставен да царува со возобновеното Западно Римско Царство. Политички и интелектуално, „папските“ и „империјалните“ групации долго време биле во расчекор, каде што црквата имала свој удел, а секуларната власт била поделена и почитувана. Црквата се чувствувала „удобно“ во практикувањето на универзална духовна доминација во отсуство на паралелна политичка структура, иако тоа всушност можело само да ја компромитира црковната автономија.
Империјалните групи понекогаш ја истакнуваат својата кауза за имање универзална морална сила, како и стремежот кон универзална – или барем панзападна – светска сила. На пример, поетот Данте бил приврзаник на империјата, кој тврдел дека таа е средство за воспоставување на светски мир, според моделот на античкиот Римскиот мир (Pax Romana). Сепак, ниту средновековната империјална тенденција во политиката на христијанскиот свет не одговара на моделот на Хазони. Со напомена дека средновековните империјални теоретичари на суверенитетот како Марсилиус од Падова, помогнаа да се постават темелите на идните идеи за национален суверенитет, како и на поделбата на политичка и спиритуална власт, сосема спротивна на онаа замислена од страна на Рим. На некој начин, империјалната страна беше исто така и протонационалистичка страна.
Во таа смисла, ниту самото Свето Римско Царство не беше баш „империја“ според теоријата на Хазони. Императорот често беше – иако не секогаш, се разбира – млитава фигура, не многу повеќе од симболичен управител на голема творба од независни општини, градови и други подрачја. Средновековното „Римско Царство“ многу малку личеше на својот титуларен претходник – империјата изградена од страна на Цезар. Или како што се изрази со потсмев Волтер: „Ниту свето, ниту римско, ниту империја“.
Под строгото око на критиката, контрастот помеѓу „империја“ и „нација“ за кој зборува Хазони едноставно не држи. Тој ни го претставува Светото Римско Царство како универзално и предаторско, што понекогаш и можело да биде. Но тоа царство се роди – по неколку посредни фази – од источните компоненти на империјата создадена од Карло Велики. Каролинската Империја самата се уништи и беше распарчена помеѓу потомците на Карло Велики. Западните делови на империјата станаа основа за Франција, една од најстарите и често најагресивните национални држави во Европа. Дали Светото Римско Царство било поекспанзионистичко од Франција, како што сугерира теоријата на Хазони? Секако дека не. Дури и протестантските нации, кои израснаа во моќни сили по договорот во Вестфалија не се однесуваа според моделот за затвореност во рамките на своите граници: Холанѓаните и Англичаните изградија прекуморски империи веднаш штом им се укажа можност за тоа. Хазони го признава овој факт, но го минимизира неговото значење во својата теорија „нација наспроти империја“.
На едно друго место во книгата, Хазони истакнува дека империите тежнеат да бидат изградени околу „нацијата-јадро“. Теоретската разлика помеѓу националната држава, како доброволен сојуз на племиња и империјата, како збир на племиња и други народи што биле освоени од страна на експанзионистичка држава е мошне јасна. Она што е помалку јасно е – колку е корисно ваквото концептуално разграничување, кога повеќето примери за формирање нации и изградба на империи низ историјата се мешавина од двата вида здружување.
Погледнете ја само Велика Британија: дали таа е нација? Хазони ги спомнува Велшаните како „ново племе посвоено од страна на англиското јадро“ и вметнато во рамките на една поширока британска нација. Меѓутоа, Велс беше освоен од Англија, забележува самиот Хазони во претходниот пасус, во кој ја опишува Англија со империјалистички термини.
Дали англиската империја станала британска нација? Од историска гледна точка, најверојатно се случило токму тоа. Но овој факт поставува одредени тешкотии пред теоријата што се темели врз остри разграничувања помеѓу поимите „империја“ и „нација“.
Историските и концептуални „пукнатини“ во аргументите на Хазони се важни, бидејќи се протегаат до неговите најнови полемики. Тој смета дека националната држава, според моделот на протестантската конструкција, станува загрозена од новиот либерален морален универзализам, кој е во тесна врска со проектите за градење империи во вид на меѓународни институции каква што е, на пример, Европската Унија. Засега е добро што идејата дека ЕУ е реинкарнација на Римската Империја или на Светото Римско Царство може да се тргне настрана како непотребна за текот на дискусијата. Сепак, историјата добива важност онаму каде што се бара лекот за проблемите. Се чини дека Хазони верува дека протестантизмот е помалку подложен на универзални шеми од католичкото христијанство. Оттаму, клучот за спречување на либералниот империјализам лежи во постојаното потсетување на американската и на англиската нација за нивните библиски, протестантски корени. САД, особено под водач каков што е Доналд Трамп, Велика Британија со последиците од брегзит и татковината на Хазони – Израел, се трите библиски нации сплотени во борбата против доминација на либерализмот.
За жал, борбените линии не се баш многу јасни: не може да се занемари фактот дека најаграсивните форми на либерална идеологија во модерниот свет доаѓаат, случајно или не, токму од големите историски протестантски нации: од САД, чии тенденции за градење империи на Блискиот Исток се под остри критики на Хазони, како и од Германија, која е движечка сила на европската интеграција.
Ниту Велика Британија не е исклучок – британската елита што му се спротивстави на брегзит ја саботира и неговата имплементација. Наместо поделбата на протестанти и католици, културната паралела за поделба на империјалисти и на националисти би требало да биде исцртана помеѓу владетелите и обичните граѓани. На сличен начин, во католичките и во протестантските држави, елитите ја поддржуваат интеграцијата и империјата, а јавноста е релативно националистичка.
На моменти се чини дека Хазони го замислува протестантизмот стриктно како вера на еврејската Библија, но тој не е тоа. Токму спротивното. И протестантите го имаат Новиот завет, а Христос од протестантската Библија е исто толку универзален месија како и Христос на Ватикан. Зошто токму протестантизмот, а не католицизмот историски води кон либерализам е комплексно прашање, но одговорот делумно може да се крие во фактот дека протестантизмот, лишен од вербата во Исус станува идеолошка вера, додека католицизмот е толку силно поврзан со неговата институционална структура, што ја прави оваа религија помалку подложна на опасноста да се претвори во утопија.
Хазони ни изнесува жестока заложба за национализмот и за неговите доблести – тој никогаш не пропушта да фрли светлина врз суштинските прашања, дури и кога неговите одговори ја промашуваат целта.
Неговата книга би требало да ги наведе радикалите да ја преиспитаат својата антипатија кон национализмот, а да ги поттикне националистите да размислат подлабоко за корените на своите убедувања. Книгава, иако несовршена, сепак е доблесна.
Даниел Мек Карти, уредник на модерно време