Зависноста од социјалните мрежи од ден на ден станува сѐ поголема и прераснува во еден глобален општествен проблем. Во училиштата и на факултетите сѐ повеќе се одговара писмено, електронски, дури и консултациите со студентите се по мејл или на Фејсбук. Ова што се случува е воспитно-образовен проблем и така може да се решава, сметаат психолозите
Се чини дека Македонците станале зависници од социјалните мрежи, особено од Фејсбук. Според истражувањето направено од страна на „Статкаунтер“, чии статистики се прават со анализа на десет билиони посети на интернет-страници месечно, собрани од повеќе од два милиони интернет-страници. Според нивната статистика, Фејсбук користеле дури 93,14 проценти од Македонците во август и во септември. За другите интернет-страници нема многу голем интерес кај граѓаните. Околу 95,22 отсто од корисниците на оваа социјална мрежа се прикачиле на истата преку својот мобилен телефон, додека 85,67 проценти се прикачиле од својот компјутер. Од својот таблет, пак, се приклучиле 91,44 процент.
Ваквата состојба не е само во нашата земја. Па, така, според направената статистика, 73 проценти од Европејците користеле Фејсбук во септември. Преку своите компјутери на социјалната мрежа се приклучиле 64,42 од Европејците, додека преку својот мобилен телефон се приклучиле 77,06 проценти. Од своите таблет компјутери, пак, се приклучиле 60,72 проценти.
И навистина, Македонците станаа зависници од своите мобилни телефони. Социјалните мрежи постојано се преполни со коментари, луѓето комуницираат, се дружат на поинаков начин од порано. Сега веќе и во кафулињата може да се забележат само наведнати глави, кои, наместо да разговараат во реално време, се дистанцираат во виртуелниот свет.
Според психолозите, тоа е невротски начин на комуникација.
– Овде луѓето главно комуницираат невротски и во второ и трето лице еднина и множина – ти, тој, вие, тие. Поради тоа, Фејсбук е релативно безбедно место, каде што може да се каже сѐ и сешто, за сѐ и секого, без личен контакт. Дополнително, луѓето овде се оптоварени и со фактот што нивниот збор и глас не допираат до власта, па Фејсбук е местото каде што тие, сепак, јавно кажуваат што сакаат или што им пречи, а тоа има катарзично дејство. Има и други фактори, но ова се базичните – смета психологот Лидија Зорба.
Користењето социјални мрежи можеби уште повеќе е распространето кај најмладите. Секое дете денес има свој паметен телефон и свои профили на Фејсбук, Инстаграм, Твитер… Секојдневно на социјалните мрежи можеме да забележиме видеа во живо од нивните родендени, од дружењето со другарите и слично. Според Зорба, проблемот со децата е комуникациски. Родителите сѐ помалку зборуваат со нив и сѐ помалку време минуваат со нив.
– Освен тоа, многу родители премногу рано и без ограничувања на времето за користење им даваат на децата таблети, компјутери и мобилни телефони и децата научуваат да комуницираат посредно преку електронски уреди. Сѐ помалку деца знаат да разговараат меѓу себе и со возрасните. Во училиштата и на факултетите сѐ повеќе се одговара писмено, електронски, дури и консултациите со студентите се по мејл или на Фејсбук. Ова што се случува е воспитно-образовен проблем и така може да се решава – смета Зорба.