На денешниот состанок Комисијата за заразни болести дала препорака да останат на сила истите досегашни мерки за заштита од ковид-19, информираат од Министерството за здравство.
Комисијата препорачала да не се менува работното време на угостителските објекти и истите да продолжат да работат до 21 часот.
– Ова се однесува и на работата во државната и јавната администрација, општините и судовите, односно организирањето на работата останува исто – да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите – се наведува во соопштението, во кое се додава дека во овој момент, здравствената ситуација со ковид-19 е само стабилна, но не и намалена.
Здравствените власти апелираат граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките за заштита, бидејќи, како што велат, истите даваат резултати.