Раното дијагностицирање на хематолошки малигни заболувања може да спаси живот. Пред повеќе од една година новиот коронавирус започна да се шири низ светот и предизвика пандемија, а со тоа и кризна состојба на светско ниво. Она што навистина загрижува, велат од Клиниката за хематологија, е што што поради стравот и мерките на претпазливост пациентите одбегнуваат да одат на рутински прегледи кај своите матични лекари и сѐ почесто одлучуваат да останат дома дури и кога имаат симптоми и нарушено здравје. Ваквата состојба, велат од таму, е особено загрозувачка за лицата кои имаат хематолошки заболувања.
Токму поради тоа, директорката на Универзитетската Клиника за Хематологија, проф. д-р Ирина Пановска Ставридис, апелира до граѓаните кои имаат потреба за преглед или лекарска консултација да не го одложуваат одењето на лекар бидејќи раното дијагностицирање и соодветниот третман на хематолошките малигни заболувања имаат клучно значење за излекување и успешен клинички исход од третманот.
Ако пациентите се третираат навремено, вели таа, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг и квалитетен живот.
– Пандемијата со ковид-19 има големо влијание врз времето потребно за поставување на финалната дијагноза кај пациентите кои страдаат од хематолошки малигни заболувања. Дисконтинуитетот во патот на дијагностика на пациентот со малигна лимфаденопатија доведе и до намален број на ново дијагностицирани пациенти. Голем дел од пациентите од страв од самата пандемија остануваат дома, самите не можат да ги препознаат симптомите на малигна лимфаденопатија и сето ова води кон задоцнето поставена дијагноза, а со тоа и полош клинички исход за пациентите. Ги советувам пациентите да не се плашат од евентуална зараза со коронавирусот затоа што на клиниката строго се почитуваат и спроведуваат сите здравствени протоколи. Со цел прегледите да бидат побрзи и безбедни, со пократок ред на чекање и да се запази социјалната дистанца, а притоа пациентите да добијат современа и комплетна услуга, по принципот еден пациент во една ординација, работата на клиниката се одвива во две смени. Апелирам и до матичните лекари да ја користат новата е-амбуланта, дел од „Мој термин“ (телефонска консултација со матични лекари) која овозможува закажување на консултативен термин со одреден специјалист за своите пациенти за кои сметаат дека имаат потреба од специјалистичка консултација – вели проф. д-р Ирина Пановска Ставридис.
Таа додава дека бидејќи и психо-физичкото здравје на пациентите кои веќе имаат поставена дијагноза малигнен лимфом е многу важно подготвена е и соодветна брошура на тема „Водич запациентите со не-хочкинов лимфом“.
Имајќи ја во предвид важноста на навременото дијагностицирање на ваквите заболувања, Здружението за Хематологија на Македонија изработи и нов „Алгоритам за дијагностика на зголемени лимфни јазли во тек на пандемија“. Новиот алгоритам веќе е достапен за сите матични лекари и општи болници на ниво на целата држава.
– Во изминатиот период беа организирани и неколку едукативни вебинари за стручната јавност, како и гостувања во телевизиски емисии од областа на здравството, на тема: „Што преставува лимфомот“ се со цел да ја зголеми јавната свесност за оваа болест, нејзините рани симптоми, како и кој е најбрзиот пат до соодветна дијагностика, затоа што смртноста на недијагностицираните и не третирани малигни болести е поголема од смртноста предизвикана од ковид-19 – велат од Клиниката за хематологија.