Колумбија џурнализм ривју
Пријател кој работи како експерт за социјални медиуми за спортски бренд, пред околу еден месец, ми кажа за интернет-курс по маркетинг за кој сакаше да се пријави. Тој се запознал со основачот на курсот, беше фасциниран од неговото разбирање на платформата и зборуваше за успехот и за парите кои сметаше дека го чекаат, ако го посетува курсот. Најдобро од се, е што можеше да му се јави на креаторот на курсот, кога и да наиде на проблем.
Тој потоа ја покажа бизнис-картичката на основачот на курсот на која пишуваше Мирко Чешелкоски, проследено со текст со големи букви – човекот што му помогна на Доналд Трамп да победи на американските избори. А под тоа имаше објаснување напишано со мали букви (јас и моите студенти од Велес).
– Тој ми кажа дека политичарите од целиот свет го контактираат за да им помогне со нивните кампањи – ми кажа пријателот.
Разгледав да видам кој е Чешелкоски. Неговата мајка беше универзитетска професорка по инженерство. Тој ја продал неговата прва интернет-страница, за НБА-лигата, кога бил на 17-годишна возраст. Со годините стекнал репутација на самопрогласен интернет професор, кој своевремено предавал на група македонски тинејџери од Велес. Токму тие тинејџери создадоа неверојатни лажни наслови кои милиони Американци ги видоа, во период од неколку месеци, во пресрет на американските претседателски избори во 2016 година.
Чешелкоски оттогаш беше интервјуиран од повеќе странски медиуми, при што зборуваше за неговите принципи за создавање лажни вести (кои се неетички, но не и нелегални), финансиските придобивки од практиката (некои студенти заработувале 100 илјади долари месечно) и за наводното руско мешање (што се глупости).
Неколку дена подоцна, се сретнав со него во слабо осветлено кафуле во Скопје, главниот град на Македонија. Во живо, Чешелкоски има поблаг пристап. Тој има мали, живи очи, скриени зад очила со дебели рамки, брадичка и проретчена коса. Тој стави два мобилни телефони на масата и објасни дека едниот од нив е за неговите американски клиенти. Се шегуваше оти за него е чудно да зборува со новинар на македонски, бидејќи има запаметено одредени фрази на англиски.
„Фејсбук маркетинг универзитетот“ како што тој го нарекува, вработува седум луѓе со полно работно време и има уште петмина надворешни соработници. Неговиот веб-сајт наведува дека претставува „врвен водич за голема и вирална фејсбук-страница. Дотогаш, Чешелкоски продал 5.550 копии од „прирачникот“ на англиски и 2.000 на македонски. Тој ветува дека за шест месеци Македонците ќе заработуваат 1.000 долари месечно (просечната македонска плата е помала од 450 долари).
Тој исто така нуди услуги за славни личности – ставајќи слики од Том Хенкс и од Џорџ Клуни на неговиот сајт, иако ниту еден од нив не е негов клиент. Кога славна личност или филмски агент соработува со него, членовите на тимот на Чешелкоски пишуваат статии за да привлечат посетеност на страницата на клиентот на веб-сајтот специјализиран за филмови „ИМДБ“.
Го прашав дали некоја од тие статии е вистинита. „Повеќе или помалку“ вели тој, со насмевка на лицето. Го прашав за делот „помалку“. „Посетување на добротворни настани на кои, клиентот можеби бил, а можеби и не бил“, објаснува тој. „Пишување за пари, кои можеби ги донирале, а можеби и не ги донирале“. Кога целта е само да привлечат посета кон страницата на одреден забавувач, тие користат невообичаени методи, како рекламирањето на порнографски или торент-сајтови. Меѓу неговите клиенти, Чешелкоски брои еден холивудски продуцент, а до неодамна и шведскиот бенд Реднекс, кој во 90-те години го имаше хитот „Cotton-Eye Joe”.
И секако, политичарите. „Четири кампањи ме контактираа“ вели тој, со голема гордост. Две биле од Азија, една од Северна Америка и една од Европа, според Чешелкоски.
Фејсбук и Гугл направија да биде невозможно да се водат и уновчуваат операциите со лажните вести од Македонија, или од Балканот и подалеку. Тоа дефинитивно ја запре операцијата на Чешелкоски. „Што е поентата од имањето на фејсбук-страница, ако не можеш да заработуваш пари од неа?“ вели тој.
Наместо тоа, тој се залага за политичарите да стапат во директен контакт со обожавателите од социјалните мрежи, на пример, преку информативни билтени. „Никој не може да го контролира тоа што го пишувате таму“, посочува Чешелкоски.
Прашав дали некој кандидат директно споделува дезинформации со неговите потенцијални гласачи.
– Не мора да значи дека се лажни. Вие правите официјален маркетинг и кога ќе комбинирате повеќе нешта, некои неточни, а други потполно точни. Тоа може да функционира – вели Чешелкоски.
Во меѓувреме, Македонија се обидува да ги запре најлошите лажни вести. Извршната директорка во Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, истакна дека има легални реперкусии кога лажните вести промовираат говор на омраза, или други дела казниви со закон. Во спротивно нема специфична законска регулација.
– Го разгледувавме ова прашање повеќепати, но не увидовме постојан механизам за справување и решавање на тој проблем – кажа Тунева.
Портпаролот на македонската влада, Миле Бошњаковски, имаше слични изјави како и Тунева. Но, тој истакна дека е направен чекор напред, со тоа што оние кои промовираат говор на омраза на социјалните мрежи се сметаат за одговорни.
– Имавме 11 случаи од минатата година и два од годинава, за ширење на говор на омраза на социјалните мрежи – потенцира Бошњаковски.
Засега, Чешелоски вели дека поголемиот дел од неговата работа доаѓа, не од политичарите, туку од неговата соработка со американските камионски превозници. Според него, тие работат дигитален маркетинг, прават видеа, професионални фотографии, наоѓаат возачи и водат кампањи на Фејсбук за американски клиенти во транспортната индустрија. „Тука нема изненадувања, се е легално“, објаснува Чешелоски.
Тој одби да открие некои од државите од каде што имал клиенти, па го прашав дали некои од политичките кандидати со кои соработувал се познати. Чешелоски вели, доволно големи за да не комуницираат директно со него. „ Тие не сакаат да бидат доведени во ситуација во која…“, тој направи пауза, барајќи начин внимателно да ги избере зборовите „тие користат посредник“.
Автор: Игор Босилковски