По повлекувањето на САД од Авганистан
Некои геополитички аналитичари во заднината на случувањата ја гледаат „сенката на САД“, кои, според нив, имаат намера со товарот на авганистанската криза да го забават подемот на европските и азиските ривали. Аналитичарите издвојуваат евидентни показатели дека „американската доктрина, која се темели на исклучително офанзивен карактер за неутрализирање на заканите на Блискиот Исток, долгорочно негативно се одразува како последица по Европа, а со тоа и на Балканот“. Она што е предмет на нивна анализа е, всушност, кој пост фестум ќе трпи најмногу последици по својот економски концепт
Текот на настаните во Авганистан, по повлекувањето на меѓународните мировни сили, предводени од САД, направи таков карамбол таму, што сега се чини дека страшно цунами се генерира токму во таа точка на Земјината топка. Состојбата со човековите права во таа земја сега е навистина најмала грижа на западниот свет. Многу поголем страв предизвикува проблемот во облик на голем бегалски бран, кој има опасен потенцијал да се претвори во нова и многу полоша бегалска криза од онаа во 2015 година.
Мисијата Авганистан никогаш не била одржлива?!
ЕУ многу добро знае што ја снајде по Ирак, Либија, Сирија… Сега исто така на Стариот Континент му се закануваат стотици илјади мигранти што сакаат да го напуштат Авганистан. Сето тоа може многу лесно да се претвори во вистинска „преселба на народите“ од Истокот, при што сите знаат дека нивната крајна цел е ЕУ.
Европските сојузници на повеќе политички нивоа деновиве се преиспитуваат што тргна наопаку за НАТО таму. Во пакет со таквото себепреиспитување, се нижат и прашањата каква е, всушност, и нивната улога во светот, поединечно и севкупно како алијанса.
– Треба да признаеме дека Авганистан е (стотици) милји од морето. Оваа мисија никогаш не била одржлива, освен во соработката со Пакистан за логистичка поддршка. Дури и да можевме да ги распоредиме силите, тоа ќе бараше соработка на Пакистан – проценува пензионираниот генерал Ричард Баронс во интервју за „Форин полиси“, кој раководел со Командата на здружените сили на Велика Британија до 2016 година и во повеќе наврати во Ирак и во Авганистан.
Но поширокото прашање во истиот контекст, кое сѐ погласно одекнува во кулоарите на западните сојузници, е соочувањето на Европејците со новите светски трендови на длабока нестабилност и раст на населението во светот, во пакет со масовни миграции и регрупирање на мигрантите кон Запад. Понатаму, нерешливата енигма на климатските промени. А подемот на Кина и земјите од Централна Азија е особено болно прашање за САД и Европа. Европејците, пак, се соочуваат со навестувањето дека нивната иднина е многу попредизвикувачка и многу понеизвесна.
– А сепак, ние само илустриравме многу колоритно дека немаме ниту волја ниту средства да интервенираме, дури и во многу ограничени околности, за да ги заштитиме нашата безбедност, просперитет и интереси. Додека не се справи со таа нерамнотежа, Европа ризикува да стане глобална стратегиска жртва. Цената за да се наметне одлучувачки исход за Авганистан е толку огромна и многу поголема од нејзината стратегиска вредност, што неизбежно, кога се оди на потешко, луѓето имаат тенденција да се откажат – вели британскиот генерал Баронс.
НАТО без САД е многу ограничен концепт и многу ограничена сила
Генералот Баронс признава дека ЕУ и Велика Британија треба да се соочат со реалноста дека НАТО без САД е многу ограничен концепт и многу ограничена сила. Тој отворено кажува дека за Авганистан имало ентузијазам од Обединетото Кралство и една или две други европски земји да го земат плаштот што го спуштиле САД. Но кога погледнале, откриле дека дури и ако можат да ја најдат пешадијата, тие едноставно не можат да организираат теренско разузнавање, надзор и извидување, команда и контрола, логистика и обука што ја поддржа авганистанската армија. Тие дури и не можеа да стигнат во Авганистан и самите да се издржуваат, а камоли да издржуваат авганистанска војска од 300.000 луѓе. Она со што јасно се соочија европските безбедносни сили во Авганистан е дека немаат капацитет да се справат самите со предизвици од витален стратегиски интерес без САД. Проблемот на Авганистан е дека тоа е многу тешка средина, многу е тешко да се стигне, но едноставно не е доволно важно за да биде витален стратегиски интерес за Европа. Загатката со која се соочува Авганистан стотици години, од западна перспектива, е дека цената што треба да ја платите – во смисла на сила, пари, крв, репутација – за да наметнете одлучувачки исход на Авганистан е толку огромна и многу поголема отколку неговата стратегиска вредност.
– Но во светот што оди напред, ќе се случат работи што се навистина од стратегиско значење за Европа. Ова се работи на кои треба да одговориме и за кои ќе ни бидат потребни ефикасност и безбедносна способност. Треба да направиме разлика помеѓу свет во кој реагираме на нешто што е малку периферно (како што беше во Авганистан) и свет во кој ќе реагираме на нешто навистина важно! Недостигот од способност да се одговори на нешто што е важно е навистина сериозен и треба да се реши – предупредува британскиот генерал.
Како илустрација на европската безбедносна (не)способност се наведува податокот дека САД имаат буџет за одбрана од повеќе од 700 милијарди долари, додека Велика Британија, Франција и Германија издвојуваат по околу 50 милијарди долари. Според генералот Баронс, тоа покажува дека Европејците ги препуштиле својата безбедност, просперитет и интереси на волјата на националната политика на САД.
САД со Авганистан ја лансираа својата скриена стратегија?
Некои геополитички аналитичари во заднината на случувањата ја гледаат „сенката на САД“, кои, според нив, имаат намера со товарот на авганистанската криза да го забават подемот на европските и азиските ривали. Македонскиот геополитички аналитичар Милан Стефановски проценува дека геополитичките равенки допрва ќе се решаваат во контекстот на случувањата во Авганистан.
– Она што треба да биде предмет на анализа е кој пост фестум ќе трпи најмногу последици по својот економски концепт. Евидентно е дека американската доктрина, која се темели на исклучително офанзивен карактер во неутрализирање на заканите на Блискиот Исток, негативно се одразува како последица по ЕУ и Балканот – на пример со мигрантите. Мигрантските прашања ја променија ЕУ во толкава мера, што зајакнаа политички партии од типот на Ла лига, ФИДЕС и партијата на Мари Ле Пен, кои имаат сосема друг концепт за ЕУ. Поголема последица од тоа нема. Се добива впечаток дека стратегијата на САД и ЕУ не е компатибилна и дека ЕУ го извлекува подебелиот крај, а тоа некако се провлекува од војните во Југославија наваму, преку Ирак, Сирија и сега Авганистан.
Затоа, ЕУ ургентно мора да развие своја автентична безбедносна архитектура ако сака да се наметне како независен глобален играч. Дури и со своја безбедносна доктрина, ЕУ може и треба да дејствува заедно со САД. Сѐ дотогаш слабите капацитети на ЕУ, во делот на заедничка надворешна безбедносна политика ќе бидат само деструктивни по своите економии и држави – вели Милан Стефановски.
Во однос на стратегиските интереси на САД, Стефановски потсетува дека администрацијата на поранешниот претседател Трамп бараше зајакнување на буџетите за одбрана и проактивен пристап кон безбедносните закани во контекст на Кина и Русија. Тоа беше порака дека и на САД им е потребна помош за спротивставување на сѐ поразорните безбедносни закани.
– Од геополитичка гледна точка, се гледа дека договорот од Доха 2018-2020 помеѓу САД и талибанците, со кој беше договорено безусловно мирно повлекување, сепак може понатаму да биде и условно – но не условно по САД, туку за талибанците. Кај САД сѐ е стратегија. Ова тактичко повлекување, кое САД ги покажува на прв поглед – слаби, во скоро време може токму талибанците да бидат оние што ќе прават проблеми или во Иран или во Кина. Не треба да се заборави дека талибанците уништија историски артефакт на Буда, за што Кина реагираше. Ќе видиме како ќе тече признавањето на талибанската влада, оти, нели, според нив самите, тие еволуирале и ќе дозволат повеќе човекови права… Сепак, ова повлекување на САД нема да биде крај на геополитичките игри во тој регион, туку само почеток, поопасен почеток – заклучува геополитичкиот аналитичар Милан Стефановски.