Фото: Игор Бансколиев

ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА АФРИКАНСКИОТ ТОПЛОТЕН БРАН

Најавениот топлотен бран што од утре треба да ја зафати земјава и да трае до средината на следната недела, ги мобилизира и надлежните служби за полесно справување со високите температури.

Во време кога Русија, Португалија, но и дел од земјите од соседството се соочуваат со големи пожари од епски размери, во Македонија, за среќа, летото минува без шумски пожари, иако пролетоска огнената стихија беснееше и во некои делови на земјава.
Токму најавениот топлотен бран би можел да предизвика нови пожари, па затоа апелите за внимателност пристигаат од сите страни.

Од Дирекцијата за заштита и спасување истакнуваат дека се преземени и мерки и активности за превентивно дејствување за заштита од можни шумски пожари, како и други пожари на отворен простор во периодот што следува.
Токму во минатото шумските пожари предизвикуваа сериозни проблеми за надлежните, со оглед на фактот дека голем дел од нив беа подметнати.

– Да не се фрлаат цигари и догорчиња, стаклен отпад и шишиња, да не се палат оган и скара на отворен простор и во шума, да не им се дозволува на децата да си играат со запалки, да не се пали отпад, како и стрништа, а доколку се забележи пожар, преку телефонскиот број 193 да се информираат надлежните – посочуваат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Од дирекцијата потсетуваат дека во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, веќе се преземени превентивни мерки.
– Од март е донесена забрана за движење во шума и шумско земјиште, освен за вработените во ЈП „Национални шуми“. Забраната ќе трае до нејзиното отповикување. ДЗС, за зачувување на шумите, од 15 јули до 15 август, на територијата на целата земја, ја спроведува кампањата за заштита од пожари под мотото „Иднината им припаѓа на оние што се подготвени – природата е наша одговорност“ – информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Освен пожарите, високите температури лошо се одразуваат и врз безбедноста во сообраќајот, така што препораките се да се избегнува возење во најжешкиот период на денот бидејќи топлото време негативно влијае врз концентрацијата на оние што управуваат со возилата, но и на времетраењето на сопирањето поради вжештениот асфалт.

Температурите над 40 Целзиусови степени можат да предизвикаат и проблеми во железничкиот сообраќај, пред сè поради деформации на железничките линии. Имено, француските железници за време на неодамнешниот топлотен бран го прекинаа сообраќајот во некои делови на земјата бидејќи пругите се искривиле.
– Поради високите температури, можна е појава на ширење на шините, поради што возовите веќе сообраќаат со намалена брзина – велат од македонската државна железница.

Оттаму уште додаваат дека возниот ред останува ист, но има доцнења поради помалата брзина со која се движат возовите.
Најавениот топлински бран, при што некои делови на земјата ќе влезат во жолта и портокалова фаза, е доволно предупредување за одговорно однесување на целото општество, од поединци, до надлежните служби, бидејќи тоа е единствениот начин за превенција.