Иако надежта за решение на децениското македонско црковно прашање е свртена кон Вселенската патријаршија, сепак јавноста очекува внимателност и голема мудрост
од македонските владици во носењето конечна одлука
Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија на последната седница во Охрид не откри дали владиците разговарале за барањето за признавање на автокефалноста од Вселенската патријаршија. За ова прашање јавноста засега останува без конкретни детали. Нема информација ниту дали владиците на МПЦ-ОА имаат некакви сознанија што и како се случува во Вселенската патријаршија, откако таа неодамна соопшти дека одлучила да го стави во процедура барањето на нашата црква. Во недостиг од официјални информации за македонското црковно прашање, во јавноста, поради сличноста со македонското, повторно станува актуелно украинското црковно прашање, откако на Божиќ оваа година, вселенскиот патријарх Вартоломеј го потпиша томосот за автокефална православна црква во Украина.
Неочекуваниот развој на настаните во Украина, каде што (почесниот) патријарх Филарет најавува откажување од томосот, затоа што според него Украинската православна црква била само формално, а не и суштински автокефална, предизвика вознемиреност во македонската црковна јавност, стравувајќи дека МПЦ-ОА во идните разговори со Вселенската патријаршија исто така може да се најде пред свршен чин.
Иако надежта за решение на децениското македонско црковно прашање е свртена кон Вселенската патријаршија, сепак јавноста очекува внимателност и голема мудрост од македонските владици во носењето конечна одлука.
Трите предизвици на МПЦ
Верските аналитичари велат дека најсуштинското прашање е автокефалниот статус на МПЦ-ОА. Тоа подразбира дека македонските владици не смеат да импровизираат и да експериментираат со суштинската автокефалност и да прифаќаат нешто што на хартија би било автокефалност, а во реалност би значело само широка автономија или самостојност во одреден степен на одлучување. Стравот е да не се случи МПЦ-ОА во иднина да биде црква потчинета на Цариград во која ќе одлучува вселенскиот патријарх, а кој по правило мора да биде Грк, туку да се добие статус на суштинска автокефалност што ќе го одразува единството со сите православни цркви.
Вториот важен момент што предизвикува недоверба во јавноста е името на црквата. Иако, според писмото на МПЦ-ОА, е извесно дека ќе се согласат за издавање томос под името Охридска архиепископија и под тоа име црквата би била признаена во православниот свет, сепак за црковната јавност е многу важно МПЦ-ОА внатрешно да го задржи именувањето по националното обележје како Македонска православна црква.
Тие две прашања засега остануваат отворени, без конкретен одговор, иако македонските владици јавно тврдат дека црвените линии нема да бидат поминати.
Сепак, најинтересното прашање што најверојатно ќе се отвори е прашањето на Јовановата ПОА, која сега функционира како паралелна црква, но под јурисдикција на Српската православна црква. Дали тоа ќе значи дека со издавањето томос од Вселенската патријаршија ќе подразбира и иницирање процес од страна на вселенскиот патријарх за обединување на овие две цркви?! Тоа веројатно ќе биде и картата што СПЦ ќе ја користи во овој процес.
Црковната јавност очекува дека МПЦ ќе успее да изменаџира еден евентуално ваков процес без тој да предизвика поголеми внатрецрковни потреси. Иако засега е рано некој да предвидува што и како би се случувало, сепак некои верски аналитичари велат дека МПЦ веројатно ќе треба да прифати некои од владиците на ПОА. Сепак, сето тоа ќе зависи и од нивната желба и од позицијата на СПЦ. Многу поверојатно е СПЦ и членовите на ПОА да не се согласат на обединување со МПЦ-ОА и да останат како паралелна црква во Македонија.
Светото миро да се вари во Скопје
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски смета дека МПЦ мора да биде многу внимателна кога ќе дојде до преговори за тоа што како црковна самостојност или автокефалност ќе добие од Вселенската патријаршија.
– Искуството на УПЦ е добредојдено во овој момент. Очигледно е дека тоа што ВП го определила како свое право во однос на УПЦ на некој начин може да се преслика и кај МПЦ. Јас сум сигурен дека ВП ќе побара светото миро да се вари во Цариград и ВП да биде второстепена инстанца и да има некоја ингеренција во однос на потврдувањето на изборот на нашиот архиепископ или на владици (а ние би го вршеле изборот). Значи, сличното тоа го имавме и со Нишкиот договор, а јас не би сакал да добиеме автокефалност што би била со помали права од широка автономија, која ни ја дала СПЦ. Особено е чувствително прашањето на варењето на светото миро. Владиката Наум во статијата „Автономија како аномалија“ (мислам дека така беше насловот) беше категоричен дека автокефална црква мора сама да вари свето миро. Има тука различни искуства, но факт е дека ако мирото не се вари во Скопје, тоа ќе значи намалена автокефалност – објаснува Ѓорѓевски.
Според него, мошне чувствително ќе биде прашањето на правата што ќе сака да ги преземе ВП во однос на нашата дијаспора.
– Убеден сум дека ВП нема да побара да има јурисдикција врз нашите епархии во светот. И тие се свесни дека тоа би било премногу со оглед на нашите верници. Друго е, сепак, искуството со Украинската црква во дијаспората, која во добар дел и досега беше под јурисдикција на ВП. Но ако не побараат целосна јурисдикција, нешто друго сепак ќе побараат. Нашата дијаспора нема да прифати и да ги намали обврски кон ВП. Тогаш ќе настанат можности за отцепувања и слично. За сето ова треба сега да се размислува. Да не се случи прекуноќ да се договори сѐ и со тоа да се излезе пред верниците – додава аналитичарот.
Филарет е создавачот на Киевската патријаршија
Филарет е најстариот владика во Украинската православна црква, а сега ја има функцијата на почесен патријарх. До издавањето на томосот за автокефална црква во Украина беше поглавар на Украинската православна црква – Киевски патријархат (УПЦ-КП). Тој е и еден од основачите на Киевската патријаршија во 1992 година, по независноста на Украина и распадот на СССР. За поглавар на автокефалната УПЦ е назначен Епифаниј, но наместо како патријарх, тој ја носи титулата митрополит на Киев и цела Украина, затоа што Вселенската патријаршија ја признава УПЦ на ниво на митрополија. Митрополитот Епифаниј е од помладата генерација владици што израснале во Киевската патријаршија и важеше за многу близок и човек од доверба на Филарет.
Патријархот Филарет и денес важи за еден од највлијателните црковни лица во Украина, каде што ужива висок авторитет, а во црковната јавност сѐ уште се слуша неговиот глас.