Според докторката Лидија Трпеска Попоска, специјалистка-психијатарка во заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“, обидот за самоубиство и за убиство во светот па и кај нас, последниве години, станува сѐ почест. Тоа не е само психијатриски проблем туку проблем на пошироката општествена заедница со сите нејзини сегменти, бидејќи во актот на самоубиство испреплетени се, покрај психијатриски, и многу социолошки, економски, психолошки и други мотиви
Околу 800 илјади лица годишно умираат како последица на самоубиство, или едно лице се самоубива на секои 40 секунди, велат податоците од Светската здравствена организација. Самоубиството е втора најчеста причина за смрт во светот кај лицата од 15 до 29-годишна возраст, се вели на интернет-страницата на Светската здравствена организација (СЗО).
Според податоците на СЗО, за тоа дека самоубиството е глобален феномен, говори и фактот што дури 78 проценти од самоубиствата се случиле во ниско и во средноразвиени земји во 2015 година. Постојат показатели дека на секој човек што починал така што си го одзел животот, му претходат повеќе од 20 обиди за самоубиство.
– Секој изгубен живот припаѓал на некој родител, партнер, дете, пријател или колега. За секое самоубиство, 135 лица чувствуваат интензивен гнев или некакво друго влијание. Годишно, 108 милиони лица страдаат од суицидалното однесување. На едно самоубиство, 25 лица прават обид за да си го одземат животот, а уште повеќе имаат сериозни намери за тоа – се вели во годинашната брошурата за превенција на самоубиство, од Интернационалната асоцијација за превенција од самоубиство, во кое свое учество како коспонзор има и СЗО.
Во Македонија, во текот на минатата година, се извршиле 103 самоубиства, од кои најголем број во метрополата и тоа 23. Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во Битола се извршиле 14 самоубиства, во Велес шест, во Куманово 13, Охрид пет, Струмица 12, Тетово девет. Годинава, во периодот од јануари до јуни, извршени се 67 самоубиства.
Актот на самоубиство или само обидот за извршување таков акт е последица на афективните доживувања на една индивидуа каде што се објаснуваат нарушени мисловни содржини со присуство на депресивни безумни идеи, односно тоа всушност е збир на психопатолошки моменти што индивидуата ја прават несреќна до таа мера, што во еден момент таа ќе посегне по својот живот. Со ова се занимава посебна гранка на психијатријата -суицидологија. Според докторката Лидија Трпеска Попоска, специјалистка-психијатарка во заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“, обидот за самоубиство и за убиство во светот па и кај нас, последниве години, станува сѐ почест. Тоа не е само психијатриски проблем туку проблем на пошироката општествена заедница со сите нејзини сегменти, бидејќи во актот на самоубиство испреплетени се, покрај психијатриски, и многу социолошки, економски, психолошки и други мотиви.
– Кога се зборува за депресијата како најчесто психијатриско заболување треба да истакнеме дека една силна немотивирана тага и отсуство на каква и да е животна радост кај пациентот, му дава печат на целокупното однесување на депресивниот, кое, пак, од друга страна е потцртано со растројство и на другите психички функции.
Депресивниот мисловен тек го отежнува вербалниот контакт со индивидуата, која сѐ повеќе се затвора во себе и се повлекува од реалноста. Депресивниот афект ја пребојува мисловната содржина и стануваат доминантни безумни идеи на самообвинување, идеи на грешност и безвредност на понатамошното живеење, на кое неминовно се надоврзува мислата за прекинување со вистинскиот свет што го опкружува и потребата да се умре – вели докторката.
Според неа, вознемирувачки во последниве години во нашата земја, е порастот на стресните ситуации. Забрзан економски и општествен развој, кој во себе носи никулци на меѓусебен натпревар, конфликти на работното место и надвор од него, нарушени меѓучовечки односи, професионално разочарување.
– До самоубиство може да дојде и поради проблеми со алкохол, употреба на наркотични средства, тешко органско заболување, проблеми со љубомора и несреќна љубов, проблеми со осаменост и отфрленост, проблеми од материјална природа, но и разни егзистенцијални проблеми – смета Трпеска Попоска.
Според докторката, државата во рамките на своите можности вложува напори за превенција и за намалување на бројот на суициди, преку заложбите на Министерството за здравство, со подобрување на медицинската заштита и благовремено лекување на депресивните болни, како и намалување на факторите за стрес на кои секојдневно е изложено населението.
– За да се намали стапката на самоубиства, во рамките на Клиниката за психијатрија и повеќе медицински установи и болници, има услови за стационарно и амбулантско лекување, а има отворено дневни болници за третман, работна окупација и психолошка помош од професионални стручни лица, на голем број возрасни пациенти, додека, пак, во рамките на заводот за ментално здравје „Младост“, вакви услуги добиваат деца и младинци до 26-годишна возраст – вели таа.
Според докторката, во иднина за да се прави превенција од самоубиства, треба да се подобри животниот стандард на граѓаните, да се намалат стресните фактори, да се подобри благосостојбата на населението.
– Од најмала возраст да се работи со децата. Тие треба правилно да се воспитуваат и да се развиваат во пријатна семејна атмосфера, да се учат отворено да ги искажуваат своите емоции, да се занимаваат со спорт и со музика, да се образуваат, да остваруваат добри социјални релации базирани на искреност и емпатија за да пораснат во здрави и среќни личности – заклучува докторката Трпеска Попоска.
Повеќе од 300 активности во околу 70 земји
Десетти септември е Светски ден за превенција од самоубиство, кој СЗО заедно со Интернационалната асоцијација за превенција од самоубиство секоја година го одбележува со низа настани, едукации за да ги превенираат самоубиствата. Целта е да се зголеми свеста низ светот дека самоубиството може да биде превенирано. Светскиот ден за превенција од самоубиство е во организација на Интернационалната асоцијација за превенција од самоубиство, а Светската здравствена организација е коспонзор на денот. Во изминатите години, организирани се повеќе од 300 активности во околу 70 држави, вклучувајќи едукативни и комеморативни настани, брифинзи и конференции за новинари како и покриеност на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.