Повеќето од основните и од средните училишта во Битола во следните два месеца ќе бидат одблокирани и ќе можат нормално да работат, кажа претседателот на Советот на општината Битола, Валентин Груевски на седницата на советот. На оваа седница советниците ги усвоија одлуките за намирување на дел од долговите на училиштата со парите што Владата ги намени за раздолжување на општините.
Според одлуката, од вкупниот долг, од 5 милиони евра што го пријави битолската локална самоуправа до Министерството за финансии, кој училиштата го должат по разни основи, се одобрени 2,5 милиони евра. Средствата веќе се на општинската сметка, и ќе им бидат префрлени на жиро-сметките на доверителите што пријавиле долг и што прифатиле раздолжувањето да се одвива според законот донесен за намалување на долговите на општините.
– Министерството за финансии прифати да ѝ даде на општината Битола 51 отсто од вкупната сума што општината ја побаруваше, односно 2,5 милиони евра. Со ова почнуваме да ги одблокираме училиштата – додаде Груевски.
Според него, за два месеца повеќето од училишта ќе бидат одблокирани и ќе можат нормално да работат. Повеќето од долговите на училиштата се за неплатени сметки за струја, за нафта и за „бесплатниот превоз“.
Кога станува збор за превозот на учениците во Битола, кој последните години е ноќна мора и за училиштата и за општината, од сите автопревозници што ги тужат училиштата, само две прифатиле да се раздолжат. Другите останале на својот став долговите да ги наплатат по судски пат и извршители, бидејќи не прифаќаат простување на каматите и 15 отсто од главницата. Со средствата за раздолжување, училиштата ќе ги платат и долговите кон јавните комунални претпријатија.
– Долгот од 5 милиони евра во училиштата е една од тие темпирани бомби оставени од претходната власт со која ќе се занимаваме и во наредниот период, а покрај во училиштата ги има и во многу други сфери – смета советникот на ЛДП, Јани Налбанти, кој изрази сомневање дека раздолжувањето ќе оди брзо.
Загрижува што и покрај финансиската помош останува долг што училиштата ќе го имаат и во наредниот период и кој ќе го отежнува образовниот процес. Најголемиот износ од овој долг е за неплатени фактури на училиштата кон автопревозниците. Како во иднина ќе се намират овие долгови никој не знае. Во училиштата се свесни дека без финансиска поддршка на општината самите не можат да ги исплатат долговите.
– Главната цел што си ја поставија директорите и градоначалничката, а ние како советници во овој период ги поддржувавме во нивната намера, беше финансиската стабилизација на училиштата. Во таа насока со помош на Владата успеавме да ги намалиме долговите и да се одблокираат сметките на дел од училиштата. Негрижата за образовните институции во изминатите години е повеќе од евидентна. Иако сме свесни дека нема да ги деблокираме сите училишта, но добро е што веќе не прават нови долгови, а за тоа време се исплаќаат дел од старите – смета Жаклина Наумовска, советничка од СДСМ.
Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ја поздравија поддршката од Владата, но изразија сомневање во методологијата за распределба на средствата.
– Треба да имате доблест да признаете дека некои од овие долгови се направени во време на вашето владеење како централна власт. Треба да се запрашаме зошто голем дел од превозниците не се пријавија на тој повик, односно се пријавија само два. Дали тоа не остава сомнеж за методологијата по која ќе се исплакаат средствата – праша Горан Степановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа што особено ги иритира битолчани е што и покрај најновото раздолжување и претходните плаќања на големи суми на претходната власт за „бесплатниот превоз“ по пат на цесии, сепак, досега никој не кажа како се случи „бесплатниот превоз“ толку скапо да ја чини Битола. Тие се особено иритирани што и по смената на власта и неколку години од почетокот на судскиот процес „Транспортер“ уште никој не кажа како се случи криминалот со „бесплатниот превоз“, кој е заглавен во судските лавиринти и кој поради честите одложувања на некои од обвинетите и смените на судечкиот совет или на дел од поротниците никој не знае колку години ќе трае и кога битолската и пошироката јавност ќе ја знаат вистината за „Транспортер “ и за „бесплатниот превоз“ на учениците во Битола.