Тешкотиите што се јавуваат со практикувањето на принципот на владеењето на правото очигледно не се „ендемски вид“ маки на земјите од Западен Балкан. Имено, новиот состав на Европската комисија, на чело со претседателката Урсула фон дер Лајен, кој треба да се екипира и да почне со работа веќе од идниот месец, планира да отвори канцеларија наменета за „надгледување на развојот и спроведувањето на владеењето на правото и законите внатре во земјите на Унијата“. Тоа е првиот јасен, но и транспарентен сигнал дека ЕУ е во проблем со (не)владеењето на правото
Независното судство, правораздавањето поблиску до правдата, фер-судењето, транспарентноста на властите и апсолутното владеење на законите внатре во земјите на ЕУ ќе бидат императив во функционирањето на новоформираната канцеларија за „надгледување на развојот и спроведувањето на владеењето на правото и законите внатре во земјите на Унијата“. Ова е новитет во Унијата, на чие чело се предвидува да застане довчерашната европска комесарка за правосудство Вера Јурова.
Американскиот портал „Политико“ во врска со ова изнесува исклучително индикативен став дека „отворањето на ова тело во ЕК од страна на новите европски челници е одговор на опасноста од загрозување на независноста на судството и владеењето на правото во повеќето земји-членки на Унијата, како што се Бугарија, Унгарија, Полска и Романија, тренд што може да ја наруши довербата меѓу другите земји-членки на Европската Унија“.
Имајќи ги предвид ваквиот дециден став и низата индикатори што го поткрепуваат, од една страна, како и забелешките на ЕУ токму за владеењето на споменатиот принцип како „услов без кој не се може“ за интеграција на земјите од Западен Балкан, се создава една многу комична ситуација, која одговара на толку познатата поговорка „не гледај ме што правам, туку прави што ќе ти кажам“! Вака коментираа домашните познавачи на состојбите со кои се консултиравме во врска со оваа, во најмала рака, невообичаена коинциденција.
Исто така, некои од нив прашуваат како сега Унијата на граѓаните на земјава ќе ѝ ја објасни „принципиелноста на Унијата“, односно нивниот принцип на легалитет како фундамент вграден на европскиот систем на функционирање?! Или, пак, новоотворената страница со споменатото тело се совпаѓа со нивното признавање дека не е сѐ принципиелно и розово како што се прикажуваше досега ЕУ?
Соговорниците со кои се консултиравме истакнуваат дека индикациите за невладеењето на правото во ЕУ се совпаѓаат и со нивната довчерашна практика за „политичко решавање на правните процедури“, а во случајот со Македонија со практиката на подметнување политичко-квазиправни преседани во правниот систем на Македонија, особено со непочитувањето на Уставот и Законот на нашата држава и постојани иницијативи за некакви партиски надуставни договори!?
Поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека потегот на новите власти во ЕК да формираат ваквото тело е за поздравување. Никовски во исто време додава дека е неопходно во земјава да има безусловно функционирање на правната држава во полн капацитет, но тоа да биде настрана од политичките случувања во ЕУ, бидејќи досега во минатото повеќепати се докажало дека Брисел спроведува двојни стандарди кон Македонија.
– Идејата за едно такво тело во ЕУ е одлична и мора да се поздрави. Меѓутоа, како прво, тоа тело мора да го следи и легалниот принцип на Унијата, кое честопати е жртва на политичките интереси и на Брисел. Двојните стандарди на тој план се толку очигледни што загрижуваат. Ако оваа нова политика придонесе да се надминат негативностите од минатото, ќе биде голем успех за сите. Исто така, мораме да бидеме свесни дека ригорозноста на тоа тело уште долги години нема да дозволи да се приближат до Брисел ниту Македонија ниту другите држави во нашиот регион. Проблемите што се јавуваат во Полска, Унгарија и слични земји нас воопшто не нѐ интересира – вели Никовски.
Инаку, новата функција за владеењето на правото во ЕУ, која ќе ја извршува довчерашната европската комесарка за правосудство Вера Јурова, ќе вклучува надгледување на механизмот за владеењето на законите внатре во ЕУ, на кои во последно време силно се спротивставуваат земјите од Вишеградската група, особено Унгарија. Според „Политико“, во своите упатства што ги посочила како предуслов во мандатот на канцеларијата при ЕК за владеењето на правото, претседателката Урсула фон дер Лајен ги истакнала како најзначајни проблемите во ЕУ поврзани со европското право, ширењето на дезинформациите, како и справувањето со говорот на омраза, кој во последно време е сѐ поактуелен внатре во границите на европското семејство.