Фото: Маја Јаневска-Илиева

УШТЕ ЕДНО ОХРАБРУВАЊЕ ЗА МПЦ-ОА

Со ова, сѐ поотворено се охрабруваат и владиците од другите цркви за признавање на црквата во Украина, што автоматски ја јакне и надежта за признавањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, а на Вселенската патријаршија ѝ го расчистува просторот да одлучува и за МПЦ-ОА

Дали Бугарската православна црква (БПЦ) навестува признавање на автокефалноста на Украинската црква? Оваа дилема се наметна по веста дека бугарскиот митрополит Николај пред неколку дена во црква во Грција служел литургија со грчки владици на која бил спомнат поглаварот на Украинската црква, г. Епифаниј. Очекувањата, исто како и реакциите, се поделени, односно поддржувачите на црквата во Украина го сметаат ова за храбар чекор, а Руската црква, пак, се чувствува изневерено. БПЦ има многу владици што се под руско влијание, па затоа, според верските аналитичари, овој потег на владиката Николај може да предизвика похрабар чекор на целата Бугарска црква. Со ова, сѐ поотворено се охрабруваат и владиците од другите цркви за признавање на црквата во Украина, што автоматски ја јакне и надежта за признавањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, а на Вселенската патријаршија ѝ го расчистува просторот да одлучува и за МПЦ-ОА.

Во секој случај, упатените велат дека тоа за нашата црква е од големо значење, затоа што на тој начин се зголемува бројот на цркви во православниот свет што сметаат дека Вселенската патријаршија го има правото да доделува томос за автокефалност.
Инаку, од 14 автокефални цркви во православието, досега три цркви донесоа одлука да ја признаат автокефалноста на Православната црва во Украина. Прва тоа го направи Вселенската патријаршија, потоа Грчката православна црква и Александриската патријаршија. Противник на ова е Руската православна црква, која одбива да признае постоење на автокефалната црква во Украина. Единствена црква што засега испрати официјално известување дека не ја признава новата црква во Украина е Полската православна црква. Другите автокефални цркви сѐ уште тактизираат и немаат донесено официјални одлуки дали ќе се приклонат на блокот цркви на Вселенската патријаршија или на блокот цркви на Руската православна црква.

Бранко Ѓорѓевски, познавач на состојбите во православието, вели дека ваквата новонастаната ситуација во Бугарската црква е мошне индикативна, бидејќи се гледа дека пловдивскиот митрополит во Грција бил со знаење на бугарскиот патријарх Неофит, чиј благослов ѝ го пренел и на богослужбата за чествувањето за св. Дамаскин Студит.

– И бугарскиот патријарх знаел дека на таа богослужба ќе се спомне името на украинскиот поглавар, бидејќи така е редот на богослужбите. Ова потврдува дека и во БПЦ почнува да се менува односот кон УПЦ и дека може да се очекува поместување на ставот. Но прашање е дали може да се очекува и општ став на БПЦ, знаејќи дека таму е силно проруско крило во редовите на владиците. Не верувам дека БПЦ би ризикувала да ѝ се случат конфронтациите во тој поглед, но поместување ќе има. Веројатно стратегија ќе биде УПЦ и нејзиниот поглавар да се споменуваат од одредени митрополити, што секако ќе биде значајно. Во секој случај, голема е промената и таа покажува дека процесот оди и покрај противењето на Руската црква. Тоа значи дека може да се очекуваат и други слични поместувања – посочува аналитичарот Ѓорѓевски.
Инаку, МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

Минатата година премиерот Зоран Заев за црковното прашање иницира постапка со која испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање да ѝ се признае автокефалноста.

[email protected]