Последниве неколку дена Mакедонија е на врвот на светските листи според загадувањето на воздухот. Во петокот Скопје беше најзагаден главен град во светот, пред најзагадените градови во Индија, Бангладеш и Пакистан, а од саботата Прилеп го надмина главниот град, каде што нивото на ПМ10 честичките на кубен метар изнесуваше над 1.000, што е 200 пати повеќе од дозволеното. Веднаш зад него се Битола, Струмица, Тетово, Гостивар, Куманово и Скопје.
Граѓанските здруженија бараат да се прогласи алармантна состојба и да се активираат итните мерки. Од Владата информираа дека од Министерството за животна средина добиле информација за надминување на прагот на алармирање за загадувањето на воздухот во неколку града, по што излегоа со итни мерки за заштита поради најновата ситуација со загадувањето на воздухот.
Со мерките на Владата се предвидува сите органи на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост и општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила. Се препорачува работодавците да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Сите правни субјекти да го реорганизираат работното време и лицата што работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, како и да препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Државниот инспекторат за животна средина треба да почне со контроли на индустриските објекти со А-интегрирана дозвола, со контролни мерења на емисиите на загадувачките материи во акредитирана лабораторија, за да се утврди дали се применуваат пропишаните услови по однос на емисиите во воздухот. Министерството за животна средина и просторно планирање треба да им препорача на капацитетите со А-интегрирана дозвола да го намалат производството за 50 отсто, а ова не се однесува на капацитетите што произведуваат топлинска и електрична енергија.
Автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници од вчера возат бесплатно за граѓаните на Скопје. Одлуката ја донесе градот Скопје, а ќе важи до моментот на намалување на загадувањето на воздухот, за што јавноста ќе биде дополнително известена.
Портпаролот на градот Скопје, Ваљон Салиху, соопшти дека е донесена и одлука за прекинување на сите градежни активности на градилиштата што се под надлежност на градот и ги повика и градоначалниците на скопските општини, исто така, да ги прекинат градежните активности.
Цените на паркирањето на паркиралиштата на градски паркинг од вчера двојно се зголемија, а тоа ќе важи до престанување на оваа одлука. ЈП „Комунална хигиена“ е задолжено да продолжи интензивно да ги чисти градските улици и булевари што се во надлежност на градот, а тоа им се препорачува и на скопските општини.
– Бараме од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чија крајна дестинација не е градот и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација. Бараме од МВР да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата што учествуваат во сообраќајот и да спроведе засилени контроли на правните субјекти што поседуваат одобренија за доставување стоки – истакна Салиху.
Меѓу 13-те мерки и препораки на градот е и повикот до неговите вработени, како и до вработените во јавните претпријатија и институции на работа да одат со автобусите на јавниот превоз.