ЗОШТО САМУИЛОВОТО ЦАРСТВО БИЛО СЛОВЕНСКО И МАКЕДОНСКО? (2)
По повод 1.000 години од падот на Самуиловото македонско царство (1018 -2018), доктор Илија Велев, како редовен професор по предметите Византиска култура и Кирилометодиевистика и културно наследство во Институтот за македонска литература и научен советник во Одделението за средновековна македонска книжевност, во неколку продолженија ќе ги образложи историографските елементи од овој мошне значаен период. Насловите се редакциски
Проектираната тема на ваков начин од наша страна стана функционална и актуелна уште во 2014 година, кога се навршија 1.000 години од смртта на царот Самуил и од поразот на неговата војска од Византија при битката кај Беласица. Со овој историски настан се навестило згаснувањето на македонската средновековна држава – која по смртта на нејзиниот владетел продолжила да опстојува уште 4 години преку кревките владеења на неговите наследници Гаврило Радомир (1014-1015) и Јоан Владислав (1015-1018). Ваквиот јубилеј беше исклучително значаен зашто го одбележи историското траење на средновековната автохтона државна творба на просторот на Македонија, која се создала по огромна вековна дистанца од згаснувањето на античкото Македонско Царство во 168 година пр.н.е., кога Римјаните ги поразиле последните македонски цареви Филип IV и неговиот син Персеј. Не случајно го сметаме како своевиден куриозитет и датумот 24 октомври во 2014 година, кога во Струмица се одржа и централен научен собир по односниов повод во Република Македонија. Всушност, овој пригоден научен настан се поклопува и со денот кога византискиот цар Василиј II од Втората македонска династија ја дознал веста за смртта на царот Самуил (што се случила пред 18 дена на 6 октомври). Ете и годинава 2018-та останува актуелна темата за улогата на Самуиловото Царство при афирмацијата на словенската цивилизација, култура и национален словенски колективитет во Македонија, кога се навршуваат 1.000 години од падот на таа од историска дистанца последна политички организирана самостојна македонска државност (пред нејзината обнова при АСНОМ во 1944 година).
Политичкото и военото активирање на Самуиловото македонско словенско владетелство одиграло значајна улога во идните пренасочувања на односите кон одвивањето на геополитичките, духовните и на цивилизациските услови не само на Балканот, туку и пошироко во Европа. За жал, досега историографијата како да немаше доволно здив да ги оцрта историските серпентини по кои Самуиловото царство ги насочило идните движења на настаните, без кое светот кон нашата современост веројатно ќе беше многу поинаков. Имено, со активирањето на Самуиловото владетелство на просторот на Македонија на извесен начин се исполнила политичката и воената празнина од неодамна за тогаш исчезнатата улога на згаснатото Прво бугарско царство, па Византија со владеењето на Втората македонска династија (Василиевата) повторно стекнала сериозен противник, кој почнал да мобилизира нови услови за појава на антивизантиски отпори. Колку и да се обидува современата историографија да бара најразлични методологии при толкувањата на ангажираните посредни извори за да се оправдува идентификацијата на Самуиловото владетелство со континуитетот на веќе згаснатото и непостојно Прво бугарско царство, анализите на самите воени, политички и духовни процеси ќе ги претставуваат ваквите тенденциозни обиди недоволно аргументирани. Главно ваквите обиди за произнесување на извесни научни констатации се легендарни, па дури се и романтичарско приспособливи на извесни современи „патриотски“ интереси за асимилација на македонскиот културно-историски идентитет.
Во случајов историографската конфронтација околу атрибуцијата за припадноста на Самуиловото царство како бугарско се должи на трансформацијата на податливоста во подоцнежните византиски летописни или легендарни извори, зашто од современоста на Самуиловата епоха не постои сочуван извор што ќе го потврди бугарскиот политички или воен карактер на самото владетелство. Ете за што станувало збор. Веднаш по падот на Самуиловото царство во 1018 година и по воспоставувањето на византиската воена, политичка и црковна власт императорот Василиј II (976-1025) се погрижил да ги пресретне импресиите на населението во Македонија за веќе уништеното и завојувано словенско владетелство, па иницирал радикални промени при именувањата на териториите и на населенијата кои живееле таму и во околните земји. Тогаш поголемиот дел од територијата на Македонија политички бил организиран во посебна тема (на ранг на управен катепанат, или на дукат), преименувајќи ја со називот Бугарија. Затоа, пак, во тој контекст основниот дел од географската територија на Бугарија бил организиран во тема наречена Паристрион, или Парадунавон. На тој начин политички во Македонија се активирал процесот да се притемни етнонимот Словени и словенски земји, а да се замени со називите Бугари и бугарски земји. При ваквото византиско административно преименување на македонската територија во тема Бугарија преостанувало во идните подоцнежни летописни или легендарни запишувани состави да се активира примената на официјалната византиска политичка терминологија: за македонската земја како „бугарска“, за македонските Словени како „Бугари“, па следствено и за Самуиловото Царство како „бугарско царство“.
Во поново време македонската историографија преку помладата генерација истражувачи нема поголем проблем научно да го докажува и посредниот антибугарски карактер на создавањето на Самуиловото владетелство. Но, сепак, за тоа се потребни уште дополнителни истражувачки напори и научни анализи, на кои и ние за оваа пригода го посветуваме нашето внимание. Не е спорно дека во медијавистиката сè уште има големо влијание тенденциозната политизирана и романтизирана историографија од минатото, која суверено го беше освоила научниот простор поради отсуството на македонскиот изворен аспект на толкување на настаните што се одвивале на територијата на Македонија. Ваквата состојба доминираше, пред сѐ, поради подоцното формирање на современата македонска национална државност во однос на другите соседни народи и на нивните национални држави.
(Продолжува…)