Односите и соработката меѓу Македонија и Хрватска се во постојана нагорна линија, истакна заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки по средбата со државниот секретар во Државниот уред за Хрватите надвор од Хрватска, Звонко Милас.
– Пријателството во последните три децении континуирано се надоградува со продлабочување и зајакнување на меѓусебниот политички дијалог, економската соработка, културната, трговската и туристичка размена и соработка во многу други сфери. Не помалку значаен сврзник во нашите меѓусебни односи се и претставниците на нашата заедница во Хрватска и на хрватската во Северна Македонија, кои преку низа активности остануваат во постојан контакт со својата матичната држава, култура и јазик и паралелно, даваат особен придонес во квалитетот на нашите одлични билатерални односи и соработка – рече Исаки.
Таа додаде дека во заедничкиот разговор бил поздравен фактот што двете Влади имаат многу позитивен однос кон прашањата за малцинствата кои претставуваат комплексни теми.
– Малцинствата ги споделуваат истите проблеми со кои се судираат сите граѓани во една држава, почнувајќи од актуелната пандемија до социо-економските прашања, но, истовремено имаат и дополнителни предизвици поврзани со зачувување на нивниот културен и национален идентитет, а пред се заштитата на културното наследство, образование и негување на мајчиниот јазик – предочи Исаки.