Со цел поголема безбедност и заштита на здравјето на граѓаните, а во контекст на актуализирањето на увозот на отпад во Македонија, дополнително се подигнати степенот на проверка и контролата на секаков вид отпад и материи што би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните, велат од Царинската управа.
Во таа насока, денес, додаваат од таму, Државниот инспекторат за животна средина, во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање и Царинската управа, изврши вонреден инспекциски надзор на 11 камиони со отпад (RDF) од Италија, чија крајна дестинација е цементарницата „Усје“, која поседува дозвола за користење RDF-отпад како алтернативно гориво. Камионите се запрени на влез на граничниот премин Богородица, а вкупната количина на отпадот е 261 тон.
– По случаен избор, од два камиона беа земени мостри, а другите камиони се органолетички прегледани. Со цел поголема веродостојност на резултатите, земените мостри ќе бидат доставени до две лаборатории, и тоа до хемиската лабораторија на РЖ ‘Техничка контрола’, како и до Истражниот центар за животна средина во Република Естонија. Резултатите од анализите се очекуваат за десетина дена, а сè до добивањето на резултатите камионите со отпад ќе бидат складирани под соодветен надзор – велат од Царина.
Инаку, предметните пратки се декларирани како RDF-отпад (Refuse derived fuel – RDF), кој претставува алтернативно гориво (во согласност со ЕУ-стандардите) произведено од отпад кој содржи биоразградливи материјали. Неразградливите материјали се претходно отстранети во целост во сложена постапка на сортирање и рециклирање во инсталации за преработка на отпад и тоа се користи за генерирање енергија (особено при производство на топла вода, туларници, цементарници и слични капацитети).