Во Собранието денеска беше избрана комисијата што ќе ги селектира новите антикорупционери. Собраниската комисија за прашања избра седум членови од кои четворица се од редовите од пратениците, односно по двајца од власта и опозицијата. Избрани се Драги Целевски номиниран од Народниот правобранител, Сабина Факиќ и Бесим Небиу како претставници на здруженијата односно фондации назначени за членови во Советот за соработка помеѓу владата и граѓанскиот сектор. Од редовите на пратениците членови ќе бидат Мухамед Зекири од СДСМ, Атран Груби од ДУИ, Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ и Владанка Авировиќ од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Членовите на избраната Комисија за селекција ќе вршат обработка на личните податоци, при што се должни да обезбедат тајност и заштита на обработката на личните податоци.
Огласот, што Собранието го објави на 22 јануари трае до денеска, а според претседателот на Комисија за прашања на изборите и именувањата Илија Димовски до сега стигнале околу 60 апликации за членови на атикорупциската комисија.
Роковите за избор на првиот состав на антикорупциската комисија, според новиот закон, се скратени со цел новата комисија да се формира пред да почне кампањата за претседателските избори. Интервјуата на кандидатите ќе се пренесуваат директно на МТВ, а ќе ги водат претставници од МАНУ, од Интерпарламентарната унија, здруженија на граѓани што се занимаваат со антикорупција.
Како што е наведено во огласот, се избираат претседател на комисијата и шест члена со мандат од пет години, кои нема да имаат право на повторен реизбор. При изборот, според новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интересите, ќе важи принципот на соодветна и правична застапеност и принципот на еднаква родова застапеност.