Хеленик Петролеум иницира, а Владата со задоволство ќе прифати средба и ќе преговара за нафтоводот, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.
На прес-конференција во Владата, Анѓушев одговарајќи на новинарски прашања соопшти дека преговорите не се почнати, но ќе почнат и за тоа јавноста ќе биде информирана.
– Хеленик Петроелум иницира средба со Владата која ние со задоволство ќе ја прифатиме. Нема да бегаме од никаков разговор, ниту од проблемите кои се наследени, мора да ги прифатиме и да ги решаваме- подвлече вицепремиерот.
Во врска со гасоводот кон Грција информира дека најверојатно активностите ќе почнат и конкретно да се реализираат во втората половина на 2019 година. Веќе постои меморандум за разбирање и тој, како што нагласи Анѓушев, треба да почне да се реализира.
– Меѓународните институции се заинтересирани за финансирање на овој гасовод. Неговата изградба ќе значи конкурентност на снабдувањето со гас, но и можност Македонија да стане транзитна земја. Следната година очекуваме реализација. Сега ќе се прави основниот проект, по што ќе следува и тендер, информира вицепремиерот Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција во Владата.