Туристичките работници потврдуваат дека има поголема посетеност на туристи од година на година, но сметаат дека државата треба повеќе да се заложи во популаризирањето на нашата земја и овој сектор надвор од државава
Последниве десетина години низ земјава може да се забележат сè повеќе туристи што нескриено го изразуваат восхитот од природните убавини на Македонија, како и од богатото културно-историско наследство, но се незадоволни од хигиената, загадениот воздух, кучињата скитници и недоволниот број паркинг-места за автобусите.
Групи туристи речиси секојдневно може да се забележат во Охрид, Скопје, но и манастирите, црквите и другите верски објекти.
– Првпат доаѓам во Македонија по речиси 50 години. Претходно тука бев на отслужување на воениот рок, некаде во 80-тите години на минатиот век, кога војничките денови ги минував во Битола. Сега дојдовме со семејството на мал одмор и буквално не можам да го препознаам Скопје од она што го паметев. Лично, ми се допаѓаат новите згради и како сега е уреден центарот на градот – вели Властимир Стојановиќ, турист од Србија.
Тој најави дека планира да ја посети и Битола, каде што ги минал војничките денови, а потоа да го однесе семејството во Охрид.
– Ми се допаѓа менталитетот на луѓето тука. Блиски сме како народи, кујната ни е речиси иста, единствено што ми остава лош впечаток се нехигиената, загадениот воздух и негрижата за животната средина, иако не е различно ни кај нас во Србија – нагласува Стојановиќ.
Од Здружението на туристички водичи и придружници на Македонија велат дека туристите што ја посетуваат земјава се интересираат за архитектурата, храната и спомениците, но посочуваат и на недостатоците.
– Странските туристи најмногу се интересираат за Александар Македонски и за Старата чаршија, за архитектурата, македонската кујна… Критикуваат тоа што нема јавни тоалети, присуството на кучињата скитници на плоштадот, како и недоволно паркинзи за автобусите – велат од ова здружение.
Туристичките работници потврдуваат дека има поголема посетеност на туристи од година на година, но сметаат дека државата треба повеќе да се заложи во популаризирањето на овој сектор надвор од земјава.
– Имаме многу капацитети, хотели, ресторани, бањи… Македонија од туризмот може да заработува 12 месеци во годината, но проблем е што не се нудат нови производи на пазарот. Туристот треба да биде привлечен, да му се понуди нешто различно од другите туристички дестинации и да одлучи најпрво тука да дојде и да остане што подолго. Имаме прекрасни вина, храна, цркви, манастири, археолошки локалитети, имаме села чија природа маѓепсува, сè може да му се понуди на туристот, но некому треба да му текне сето тоа убаво да го спакува и да го понуди на пазарот – велат некои од туристичките работници со кои се консултиравме.
Според Програмата за 2020 година на Агенцијата за поддршка на туризмот, целта е Македонија да се позиционира меѓу државите во светот според она што ја прави различна од другите.
– Целта е позиционирање на нашата земја во морето од држави и туристички дестинации преку запознавање на светската јавност со тоа што нè прави диверзивни, различни, а е отсликано преку природата, историјата, културата и гастрономијата – се вели во Стратегискиот план на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2020 година.
Посетите на странските туристи во постојан пораст
Статистичките податоци покажуваат постојан пораст на бројот на странски туристи што ја посетуваат земјава.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во ноември 2019 година изнесувал 64.458, а бројот на ноќевањата изнесувал 135.866.
Бројот на туристите во ноември 2019 година, во однос на ноември 2018 година, е зголемен за 13,2 отсто, а бројот на ноќевањата е зголемен за 7,5 отсто.
Бројот на домашните туристи во ноември 2019 година, во однос на ноември 2018 година, е зголемен за 2,6 отсто, а бројот на странските туристи е зголемен за 19,3 отсто.
Бројот на ноќевањата на домашните туристи во ноември 2019 година, во однос на ноември 2018 година, е намален за 3,0 отсто, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 15,5 отсто.
Во периодот јануари – ноември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристи е зголемен за 5,0 отсто, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 1,9 отсто, а кај странските има зголемување за 6,8 отсто.