Интервју со Венко Филипче, министер за здравство
Изминатата година и пол беше предизвик за сите, а најмногу можеби за граѓаните и за здравствените власти. Министерот за здравство Венко Филипче изминатата година беше најекспонираната личност во јавноста. На почетокот на пандемијата беше најпопуларниот политичар, но како што одминуваше времето стана предмет на жестоки критики, особено со почетокот на процесот на масовната вакцинација во земјава. Сега пандемијата стивна, но многу работи можеби можеа да бидат поинакви. Тој смета дека почнувајќи од него, па до последниот вработен во здравствениот систем сите дале максимални напори да се справат најдобро што можат со пандемијата.
– Сметам дека завршивме одлична работа ако се земе предвид дека никогаш порано се немаме соочено со ваков предизвик. Фалбите и критиките се составен дел од политиката. Секогаш ги слушам добронамерните сугестии и извлекувам поука од нив. Анализирајќи наназад сѐ што се случи, сметам дека донесовме правилни одлуки во однос на стратегијата и имплементација на мерките, навреме ги подготвивме здравствениот систем и болниците за да обезбедиме здравствена заштита и навреме подготвивме протоколи и мерки за заштита на населението. Исто така, ажурно информиравме и комунициравме со граѓаните во секоја фаза од пандемијата – посочува Филипче.
Кој беше најисправниот потег, а кој најпогрешниот во целиот период во поглед на активностите за справување со корона-кризата?
– Не би издвојувал посебно правилни и неправилни потези, реков дека поставувањето на системот од почетокот беше добар и тој функционира одлично. Особено сум горд на колегите од болниците одговорни за хоспитализација на пациентите, кои дадоа натчовечки напори да се справат со напливот на пациенти и покажаа што значи солидарност и тимска работа. Силна страна беше и транспарентното и навремено комуницирање со јавноста, со што превениравме креирање паника во почетокот и влеавме доверба кај граѓаните, што беше многу важно во време кога сите беа многу исплашени и немаа доволно информации. Би рекол дека ми е криво што порано не стигнаа вакцините, но тоа навистина е нешто што не можеше да се предвиди и на што малку можеше да се влијае. Навремено доставивме барања и стапивме во комуникација по сите канали со сите доставувачи, но, за жал, како мала земја надвор од ЕУ воопшто не беше лесно рано да се стигне до вакцините. Од друга страна, поставивме одличен и ефикасен систем за вакцинација и иако можеби малку задоцнето, сметам дека до крајот на летото ќе имаме висок процент на вакцинирани граѓани и подготвени ќе ги дочекаме есента и евентуално нов бран.
Опозицијата оценува дека Македонија е една од ретките држави во кои вакцинацијата функционира на принцип на милостина, или вакцини има ако има донација. Каде се погреши со вакцините?
– Опозицијата воопшто не ги разбира работите во оваа сфера и тие се тука само да критикуваат и ништо друго. Донациите на вакцини се нормална работа, навредливо е да кажете дека тоа е милостина. Решавањето на кризите од овој тип се засноваат токму на принципот на солидарност и поддршка меѓу народите и тука нема ништо спорно. Дали, според опозицијата, системот на солидарност на ЕУ не треба да постои? Или, пак, земјите што се надвор од ЕУ, а недоволно моќни и мали пазари треба да останат без вакцини? Прашањето е дали ние како држава направивме сѐ за навремено да набавиме вакцини. Одговорот е да, ние навреме пристапивме по сите канали до сите доставувачи и по сите механизми што беа достапни. Се обидовме на секој можен начин да дојдеме до потребните количества. За жал, системот „Ковакс“ задоцни и тоа е единствената причина поради која од самиот почеток се пролонгира набавката. Системот на директна набавка одеше полека, бидејќи сме мал пазар, а побарувачката беше огромна кај производителите. Но важно е дека тоа е зад нас и силно верувам дека брзо и ефикасно ќе ја спроведеме вакцинацијата во текот на летото.
Летово ќе помине, но, според најавите на Светската здравствена организација, многу е веројатно вакцинацијата да продолжи и следната година со нова ревакцинација. Се прават ли планови дали и како да се обезбедат вакцини?
– По првичниот проблем со набавките, верувам дека во текот на следната година ќе има многу повеќе достапни вакцини. Ние сме веќе во директна комуникација со сите производители што ги прошируваат капацитетите и ќе може да испорачаат доволни количества. Дополнително, се отвораат нови капацитети за производство во многу земји, имаме конкретен пример во соседна Србија, од каде што исто така имаме можност да набавиме одреден број вакцини. Но за мене беше очекувано дека во првата фаза ќе има застој во набавките на вакцини, така беше со сите лекови и опрема на почетокот на пандемијата, од заштитни маски до респиратори. Едноставно побарувачката е многу поголема од понудата, но како што одминува времето пазарот се стабилизира.
Зошто сѐ уште во Македонија вакцината на „Астра Зенека“ се користи за лица постари од 60 години, иако Европската агенција за лекови вели дека оваа вакцина е безбедна?
– Секоја држава во согласност со сопствените анализи, кои се темелат на меѓународните истражувања, одлучуваше како и во кои случаи ќе се дава вакцината на „Астра Зенека“. Процената на нашите имунолози беше да останеме на ставот таа да биде наменета само за лица над 60 години. Според колегите, на тој начин може да бидеме сигурни дека ќе го сведеме на минимум ризикот за евентуални несакани последици кај помладите, кои ги покажаа одредени анализи во светот. Вакцината е целосно безбедна и истата таа ја користиме, но со ова ограничување на возраста е само заради превенција.
Пандемијата закочи многу проекти и планови, со што практично реформите во здравството останаа за некои подобри времиња. Што покажа искуството од оваа пандемија, која е најслабата алка во здравствениот систем?
– Точно е дека пандемијата забави одредени процеси, но би рекол дека и за време на пандемијата успеавме да реализираме доста од планираното. Во делот на реконструкции се завршија низа реконструкции во Клиничкиот центар. По 70 години во целост е реновиран Интернистичкиот блок на Клиничкиот центар. Обновени се скалишните јадра, ходниците и чекалниците. Реновирани се и самите клиники во овој блок. На Клиниката за ендокринологија целосно се реновирани Одделот за интензивна нега, дел од болничкото одделение и собата за изолација. Реновирани се третиот кат на Клиниката за гастроентерохепатологија и Клиниката за очни болести. На Клиниката за нефрологија целосно се реновирани одделите за интензивна нега, трансплантација, дијализа и васкуларни пристапи и преостанатите клиники во состав на објектот ги реновираа своите простории. Комплетно се реновирани хируршките сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија и набавена е најсовремена опрема, а при крај е реновирањето на Клиниката за ортопедија. Дополнително го зголемивме капацитетот на болнички кревети во 16 општини со изградбата на 17 модуларни болници, кои имаат улога на мини-болници, мини-клиники и по завршувањето на пандемијата, болниците ќе ги користат за давање други здравствени услуги на пациентите. Во континуитет вложуваме во здравствените работници, преку повисоки плати и низа други реформи. Во услови на пандемија реализиравме 446 нови вработувања во јавното здравство, 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти добија статус на вработени на неопределено време. Почнувајќи од мартовската плата, има зголемување за пет отсто за вработените здравствени и нездравствени работници. Првпат сите приватни специјализанти, кои досега немаа здравствено осигурување, а почнувајќи од 2018 година добиваат надоместок за работа како приватни специјализанти, сега од јуни добиваат платено здравствено осигурување и платени дежурства.
Пандемијата не ни откри нови слабости, туку само ни ги потврди нашите анализи и планови за тоа каде најмногу треба да се вложува во здравствениот систем. Прво и најважно, тоа се луѓето. Мора силно да продолжиме да вложуваме во платите, едукацијата и задржувањето на квалитетниот медицински персонал дома. Тоа веќе го правиме и ќе продолжиме во следниот период. Одговорно тврдам дека ќе направам сѐ да нема незадоволен здравствен работник од условите во кои работи. Понатаму, мора да вложуваме во капацитети и опрема, но и подобар систем за брзи интервенции и зајакнување на брзата помош. Тука е направено значително поместување, но сепак има уште многу работи и по закрепнувањето од кризата ќе се насочиме кон ова. И најважно од сѐ, мора конечно да започнеме со изградба на модерен клинички центар, со што ќе решиме низа проблеми, кои сега ги имаме со постојниот.
Што е со новиот клинички центар? Ќе се реализира ли тој проект?
– Јас, како министер, и Владата нема да се откажеме од овој проект, колку сака опозицијата нека го опструира и блокира. Проектот е добар и целосно издржан и затоа мора да се реализира. Во моментов целата работа е закочена поради ВМРО-ДПМНЕ, која е решена по секоја цена да го блокира проектот без ниту еден издржан аргумент. Сите прашања и дилеми што ги имаа им беа одговорени, а понудено им е и да го водат буквално самите проектот, но и тоа го одбија. Опозицијата има една стратегија да измисли лага, како на пример смешни обвинувања за 400 милиони евра провизии, само за да си ја оправда стратегијата за кочење на сите проекти на Владата. И тоа веќе е проѕирно и смешно, ако сакаат контрола над процесот слободно може да прифатат да го водат, ништо без нивен амин нема да помине. Но факт е дека не сакаат. Можеби треба да го понудиме зградата да биде во барок, па да прифатат. Навистина веќе не знам како да им се угоди.
Неколку трансплантации беа направени во услови на пандемија. Дали овој процес заживува и може ли Македонија да стане лидер во регионот по трансплантација на органи?
– Ова е една од најпозитивните нешта во нашата земја и неизмерно сум горд на она што се случува на полето на трансплантацијата. За само една година имавме четири успешни трансплантации на срце и првпат изведовме трансплантација на коскена срцевина, и тоа во услови на пандемија кога сите процеси се многу потешки за спроведување. Беа направени 10 трансплантации на бубрези, а првпат беа експлантирани и коскени ткива и дел од коска беше трансплантиран кај пациентка со малигна болест. Ако на сево ова се додадат и десетина трансплантации на бубрези од жив дарител, бројката воопшто не е за занемарување, особено поради фактот дека сѐ се случи за време на пандемијата, кога здравствениот систем беше насочен кон лекување ковид-пациенти. Она што како план го поставивме некаде во септември 2019 година, кога и првпат направивме измени на Програмата за трансплантација и ја проширивме во делот на мултиорганска трансплантација, денес е реализирано. Се направија листи за чекање за секој орган и комплетна документација за следење на органот од дарител до реципиент. Во регионот ова е голем скок и реално имаме шанса да станеме лидери, секако, следејќи го примерот на Хрватска, која особено се истакнува во „Еуротрансплант“.
Планот е до крајот на годината да се започне и трансплантација на црн дроб и да имаме што поголем број ваков тип интервенции. Развојот на трансплантацијата во многу земји е индикатор за развојот на здравствениот систем од аспект на стручност. Ако е тоа така, тогаш изминатава година покажавме точно каде сме на европската мапа.
Какви се надежите дека оваа година може да биде година во која ќе биде означен крај на пандемијата?
– Сега светот е фокусиран за што побрза и помасовна вакцинација, што е единствен начин да се стави крај на пандемијата. Во зависност од тоа колку брзо ќе се постигне колективен имунитет ќе може да зборуваме за крај на пандемијата. Јас лично се надевам дека оваа есен и да се случи нов бран, како што многумина предвидуваат, дека тој ќе биде многу поблаг и нема да предизвика потреба од нови силни рестрикции. Вакцината ќе спаси многу животи и затоа е важно што побрзо да се вакцинираат сите граѓани од ризичните групи, како и сите возрасни. Втората опасност што сепак постои е развојот на нови соеви на вирусот, кои би можеле да бидат опасни, а вакцините да не бидат доволно ефикасни. За среќа, досегашните анализи покажуваат дека постојните вакцини се релативно ефикасни и за новите соеви, што дава надеж дека што и да се случува, ќе ја победиме пандемијата. Но секогаш велам дека мора да се научиме да живееме и покрај вирусот. Тој нема да исчезне целосно и треба да ја прифатиме таа реалност, да се вакцинираме и да ги почитуваме мерките за заштита.