Министерството за надворешни работи започнува нова доктрина на работата на дипломатијата поставена на три столба, која треба да резултира со нова десетгодишна надворешна политичка стратегија – Рефлексија 20-30, изјави денеска на прес-конференција Министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Тој соопшти дека новата стратегија ќе се создава преку широк консултативен процес, поставен на три столба: широки граѓански консултации, организирани тематски конференции и формирање на Стратешки совет за надворешна политика.
Османи нагласи дека започнуваат со широки граѓански консултации, преку кои најави оформување на врските меѓу надворешната политика и потребите на граѓаните.
„Се работи за партиципативни и инклузивни демократски средби, кои ќе се одржуваат во општините и преку кои ќе се обидеме да ги зацврстиме врските меѓу обичниот граѓанин и евроатлантската интеграција на земјата“, изјави Османи.
Преку вториот столб, Османи најави засилување на процесот на инклузивност со организирани тематски конференции за новата стратегија – Рефлексија 20-30.
– Целта е во еден инклузивен и транспарентен процес на највисоко можно академско, експертско, стручно и политичко ниво да се опфатат теми кои се дел од приоритетите на надворешната политика, приближување на нашата држава кон ЕУ, но и вклучувањето во самата Унија, нашето членство во НАТО, односите со соседите, за регионалните иницијативи и воопшто севкупната иднина на Западниот Балкан, нашиот придонес во заштита на мултилатерализмот и самото учество на земјата во други меѓународни организации – изјави Османи.
Како трет столб овој процес ќе добие институционална форма, преку создавање на Стратешки совет за надворешна политика.
– Постојано тело, кое ќе претставува еден вид на управен одбор, каде по можност најдобрите, најстручните и најискусните ресурси кои ги има државата ќе бидат ставени во функција на следење, анализирање и транспонирање на политичките и стратешки правци на земјата во конкретните политики за надворешни работи – изјави шефот на дипломатијата.
Преку активностите содржани во овие три столба, Османи најави изготвување на десетгодишна стратегија за надворешна политика на Република Северна Македонија – Рефлексија 20-30, која ќе биде претставена и пред Претседателот, впремиерот, надлежните комисии и совети во Собранието, а ќе бидат консултирани и меѓународните пријатели – претставниците од ЕУ, стратешките партнери САД и дел од земјите кои досега имаат силен импакт во развојот на држвата.