Екипи на општинските јавни претпријатија во координација со Општина Охрид од денес ќе започнат со активности за уредување на крајбрежниот простор на Охридското Езеро, во потегот од „Горица 3“ до „Аквалина“ каде што во текот на изминатата седмица се вршеше отстранување на нелегални објекти и остатоци од урбана опрема.
Оваа седмица ќе се врши расчистување на теренот, подигнување на градежниот шут и несоодветниот материјал (тампон), со кој било вршено насипување на крајбрежјето. До сега се подигнати преку 1.000 кубни метри градежен шут.
Во текот на наредните денови ќе се врши насипување и уредување на плажата со речна песок, која што е дозволена согласно Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион.
– Упатуваме апел до сите сопственици на објекти на крајбрежниот појас од населбата „Свети Стефан“ до потегот на крајбрежјето кај „Градиште“, како и потегот на крајбрежјето во делот на населбата „Канео“ и во делот на населбата „Далјан“, кои нелегално поставиле урбана опрема и платформи, а на кои им беше даден рок самите да ги отстранат нелегалните градби, оваа седмица да пристапат кон отстранување на истите. Процесот на отстранување на урбаната опрема и бесправните градби од крајбрежниот појас на Охридското Езеро, според планираното ќе продолжи по завршување на активностите на уредување, (в понеделник на 29.6.2020 година) и ќе трае се до конечно расчистување на крајбрежјето – соопшти Општина Охрид.