Граѓани од населбите Влае, Нерези, Тафталиџе и Карпош 4 вчеравечер се пожалиле на ширење на чад и непријатна миризба кај надлежните во општина Карпош. Инспекторите утврдиле дека непријатниот мирис доаѓа од запалена мини депонија во Свиларе, општина Сарај.
Од општина Карпош информираат дека за ова палење на депонијата не е изречена казна, бидејќи инспекторите не затекнале сторител на локацијата каде што бил пожарот кој бил изгаснат околу 20:20 часот.
Од Општина Карпош пред три дена најавија дека ќе има засилени контроли, откако граѓани реагираа за чад и миризба, во населените места Нерези, Тафталиџе 2, Влае и Карпош 4.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, во вторникот рече дека се засилени инспекциските контроли и потенцираше дека заштитата на животната средина и околина и во иднина ќе биде еден од главните приоритети на локалната самоуправа, во текот на целата година, а не само во критичните зимски месеци, кога загадувањето е најголемо на територијата на Градот Скопје и низ целата земја.
Општинските власти потсетуваат дека дежурниот број на кој може да се јавуваат граѓани и да пријавуваат локации од каде што доаѓа непријатна миризба и чад од запалено е 078 257 640.