Економскиот развој, стабилноста, владеењето на правото и одливот на младите се главните проблеми кои ги засегаат земјите од Западен Балкан, порача министерот Горан Милевски на Мармара Урбан Форум во Истанбул, Турција.
– Министерството ја поддржува иницијативата на Намас во Берлинскиот процес да бидат вклучени и единиците на локална самоуправа и нивните асоцијации. Наш предлог е работните средби на општините да станат интегрален дел на Берлинскиот процес и истите да се одржуваат постојано, како и да се организираат Форуми на локалната самоуправа на кои ќе дебатираат претставниците на општините и асоцијациите на локалната самоуправа. Исто така преку вмрежувањето на министерствата за локална самоуправа и регионален развој од регионот ќе овозможиме да се зголеми соработка помеѓу државите во насока на решавање на заедничките проблематики на земјите од Западен Балкан. Соработката преку поддршка на ИПА програмите е задоволителна но таа мора да се прошири во повеќе области – истакна Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
Македонија е копретседател со Берлинскиот процес и таа позиција треба да се искористи за наметнување на теми и иницијативи кои ќе бидат од интерес на сите граѓани.Министерот го поздрави и намалувањето на цените на роамингот до негово целосно укинување помеѓу земјите од Западен Балкан.
– Процесот за укинување на роамингот меѓу земјите кои не се членки треба да продолжи со опфаќање и на земјите кои веќе се во ЕУ. Рушењето на ценовните бариери за комуникација помеѓу граѓаните и бизнисот треба да биде почеток на надминување на сите препреки кои стојат на патот на соработката помеѓу нашите земји – додаде Милевски.
Тој по покана на Мармара Урбан Форумот во Истанбул насловен како „Градовите развиваат решенија” престојува заедно со претседателите на Советот на општините Липково и Центар, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, како и пратеникот Енес Ибрахим. На Форумот учествуваат претставници на локалната самоуправа од општините во Турција како и од општини од 25 други држави.