Владата на Република Македонија денеска ќе одржи седница на која ќе ги разгледа предлог-измените на Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.
Од владината прес-служба информираат дека на предлог на Министерството за труд и социјална политика ќе бидaт разгледани Предлог-измените на Законот за заштита на децата и Информацијата за изградба на дневен центар за деца со аутизам.
Пред министрите ќе се најде и информацијата за изградбата на пругата Бељаковце – Крива Паланка, за периодот до 15 мај годинава.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе бидат разгледани Предлог–програмите за изменување на програмите за финансиска поддршка во земјоделството, во рибарството и аквакултурата и за поддршка на руралниот развој.
На денешната 77. седница, Владата треба да го разгледа и конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Министерството за култура.