Ненадејната смрт на претседателот Борис Трајковски пред 15 години ни одзеде голем државник, безмерно сакан сопруг, татко, брат и пријател, сограѓанин кој со извонредна енергија, истрајност, мудрост и трпеливост, ја извршуваше највисоката функција во државата, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на Првиот молитвен појадок „Лидерство засновано на вредности“, што се одржа денеска во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15-годишнината од трагичната смрт на Трајковски.
Светот, забележа Заев, се соочи со фактот дека во тој тажен момент беше прекинат животот на државникот Трајковски додека беше во полн подем, со инспиративна политичка зрелост и политички континуитет што оставија длабока и неизбришлива трага во историјата на современата независна македонска држава.
Според Заев, Трајковски припаѓаше на генерацијата млади и современи европски политичари, кој во фокусот на своето внимание и посветеност ги имаше натамошната демократизација на општеството, почитувањето на човековите права, зајакнувањето на граѓанското општество, развојот на пазарната економија, владеење на правото, и борбата против корупцијата и криминалот.
– Борис Трајковски ја извршуваше својата должност како претседател во еден исклучително тежок период за нашата земја. Искушенијата со кои се соочуваше исправено и храбро, во ниту еден момент не го поколебаа. Својата должност како Претседател на сите граѓани и како врховен командант ја извршуваше со силен личен печат, со цврста истрајност и посветеност кон универзалните, највисоки етички и човечки принципи, во кои непоколебливо веруваше и во кои беше длабоко убеден дека се најдобриот избор- рече Заев.
Од таа перспектива, дополни, не може да се заборави ниту упорноста со која се бореше за зачувување на достоинството на институцијата Претседател на државата, дури и тогаш кога ги добиваше најсилните удари.
– Не треба да се заборави неговата цврста определба и неговото уверување дека канцеларијата на претседателот на државата е надвор од партиските интереси. Врвен и единствен приоритет во извршувањето на неговата претседателска функција беа интересите на граѓаните и просперитетот на земјата наша. Реакциите, изјавите и пофалбите за неговите политики што доаѓаа од целиот свет, беа најискрени и сосема различни од вообичаените, стереотипи на политичка коректност и љубезност. Напротив, восхит за неговите политички одговори за најсложените прашања низ кои поминуваше нашата земја зборуваат максимално илустративно за работата и личноста на претседателот Борис Трајковски- посочи Заев.
Потсетувајќи дека водечки светски државници и политичари за Трајковски ги користеа зборовите и признанијата „миротворец на Балканот“, „разумен политичар“, „човек со демократски визии“, „човек за мир и дијалог“, „почитуван лидер и пријател“, Заев рече дека тие ги содржат придобивките од политичкото наследство што го остави во неговата државничка кариера.
– Беше оптимист со јасна претстава за реалноста и можностите, а неговата искрена посветеност сведочеше дека за него нема безнадежна ситуација.Тоа најдобро беше потврдено за време на кризата во 2001 година. Во тие моменти, кога пред иднината на државата се исправи неизвесноста, претседателот Борис Трајковски, како одговорен лидер, на своите рамена го презеде најголемиот дел од товарот и во ниту еден момент не се поколеба да го направи тоа, иако бил свесен за потенцијалните последици за неговата идна кариера во политиката. Во таа ситуација, тој во себе го издвои и го стави во прв план државникот Борис Трајковски, пред политичарот Борис Трајковски, рече Заев.
Тој потсети и на дел од говор на Трајковски во кој оценува дека ставањето потпис на Охридскиот рамковен договор во 2001 година во суштина е потпис на проектот Македонија во 21 век кој во основа има два столба – децентрализација која треба да ја донесе демократијата поблиску до граѓаните и правичната застапеност на припадниците на сите етнички заедници во сите државни структури.
– Така говореше Трајковски. На тие два столба се издига иднината на нашата земја- забележа Заев.
За претседателот Борис Трајковски, како што подвлече, стратешкиот интерес на Република Северна Македонија – нејзината интеграција во Европската Унија и НАТО беше визија за реализација на која тој целосно се посвети.
– Целосно свесен за овој факт, во својата последна јавна изјава по повод потпишувањето на писмото кое ја придружува апликацијата за членство во Европската Унија, тој ќе порача дека задачата со која се соочуваме не може да ја заврши само една влада, само еден претседател или само еден министер. Уште порача дека сите мораме да придонесеме за нашата институционална интеграција во НАТО и во Европската Унија. Во име на неговиот спомен, и во име на неговите пораки од пред 15 години, ние денеска со право можеме да кажеме дека дел од тие пораки, дел од неговата визија – се исполнети. Нашата земја оваа година го завршува процесот за полноправно членство во НАТО- рече Заев, меѓу останатото, во обраќањето што го објави владината прес-служба.