Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев утре ќе учествува на седмиот Самит на шефови на влади на процесот за соработка на НР Кина со земјите од Централна и Источна Европа (16+1) во Софија, Бугарија.
Во состав на владината делегација се вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и министерот за економија, Крешник Бектеши.
Македонската владина делегација ќе присуствуваат на свеченото отворање на Бизнис Форумот, а потоа премиерот Заев ќе има обраќање во рамки на пленарната сесија на шефови на влади.
Во рамки на одржувањето на седмиот Самит на шефови на влади на процесот за соработка на НР Кина со земјите од Централна и Источна Европа, премиерот Заев и владината делегација ќе остварат официјална средба со кинеската владина делегација предводена од премиерот на НР Кина, Ли Кечијанг.