Планот за декриминализација и легализација на марихуаната во Македонија е дел од поширок економски пакет чија цел е стимулирање на домашната економија, кажа премиерот Зоран Заев во интервју за „Дојче веле“.
„Идејата е да се даде можност во туристичките места, вклучително и Скопје, кафулињата, со почитување одредени стандарди – вентилација, доказ за потекло на марихуаната и слично, да се овозможи консумација на марихуана внатре во нив. Верувам дека тоа може да донесе сериозен развој за угостителството и туризмот, особено имајќи ги предвид нашите прекрасни туристички места – кажа Заев, додавајќи дека стандардите ќе бидат исти за сите и секој ќе може да аплицира.
Во истиот економски пакет влегува и проектот за легализација на возила со странски таблички, легализацијата на готови пари и имоти, продажба на земјоделско земјиште и новиот закон за данок на имот.