Фото: Игор Бансколиев

МАКЕДОНСКИ ПАРАДОКСИ

Според последната анализа на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации, Македонија е во самиот врв, односно на осмото место во светски рамки според количеството фрлена храна секојдневно во споредба со бројот на жители во земјата. Ние фрламе повеќе храна дури и од многу поголеми и економски посилни држави од нас.
Дали Македонија е толку „богата“ да може да си дозволи таков луксуз секојдневно да фрла толку храна, станува ли збор за недомаќинлак, лош менталитет или нешто сосема друго?

Македонија се наоѓа во самиот врв, односно во првите десет држави во светот чии граѓани најмногу фрлаат храна на годишно ниво.

Според последната анализа на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ОН), Македонија е на осмото место во светски рамки според количеството фрлена храна секојдневно во споредба со бројот на жителите на земјата. Телото на ОН утврдило дека Македонците според храната што ја фрлаат најмногу се ослободуваат од овошје и зеленчук, а најмалку фрлаат риба.

Податоците на ОН велат и дека Македонија годишно фрла количества храна со кои во просек може да се прехранат околу 13.000 граѓани со три оброци на ден.
Од друга страна, во контекст на актуелните случувања, за обележување се и информациите на Државниот завод за статистика, кои велат дека 455.600 лица во земјата живеат во тешки економски услови, што е пак 21,9 процент од вкупното население.

Слични информации сподели и Светската банка, кога објави дека над 55.000 луѓе во Македонија може да западнат во сиромаштија поради лошите последици на економијата предизвикани од ковид-кризата. Во едни вакви околности и споредувајќи ги двата показатели за фрлање храна и за ниво на сиромаштија, се поставува дилемата како е можно во една релативно слаба економија да се фрла толку многу храна. Дали Македонија е толку богата да можи да си дозволи таков луксуз секојдневно да фрла толку храна, станува ли збор за недомаќинлак или се работи за нешто сосема трето?
Универзитетските професори со кои се консултиравме сметаат дека иако сме сиромашна земја, нашиот менталитет истовремено е на ниско ниво и наместо да им помогнеме на сиромашните, ние ја фрламе храната.

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов од Економскиот факултет вели дека иако статистички се пораснати платите, пораснати се и трошоците за храна, а тоа значи дека куповната моќ на граѓаните стагнира и во суштина е сѐ уште во голема мера негативно погодена од економската криза поради пандемијата.
– Светските раниграња за фрлањето храна нам само ни појаснуваат колку ни е ниска колективната свест кога говориме за проблемите за прехранување на сиромашното население. Наместо да се фрла храната, таа треба да се донира и на тој начин како општество да им се помогне на оние групи граѓани што најтешко се справуваат во овие моменти со немаштијата, во времиња кога доминира економска и здравствена криза – вели професорот.

Тој додава дека, сепак, многу е тешко да се променат навиките на Македонците за тие да започнат да се грижат за општото добро на сите.
– Тоа најмногу се гледа со вакцинацијата, каде што ние сѐ уште, за жал, имаме луѓе што одбиваат да се вакцинираат, а со тоа одбиваат и да се грижат за колективот и за јавното здравје на сите нас. Оттука, ништо не е различно ниту со фрлањето на храната, и тоа и вакцинацијата се големи предизвици што државата треба да ги реши со издигање на јавната свест – вели професорот.

Слично размислува и чешкиот професор Михал Вит, кој, пак, додава дека Македонците, но и Европејците и граѓаните на САД, фрлаат огромни количества храна бидејќи не се свесни на кој начин се справуваат со гладот лицата што живеат во неразвиените земји во Африка и Блискиот Исток.
– Не станува збор за проблем што е специфичен само за Македонија, туку овој проблем е одлика на сите земји од Европа, па оттука верувам дека Европската Унија во периодот што следува треба на големо да се активира и да ја издигне свеста на сите нас во Европа да научиме како подобро да менаџираме со своите ресурси на живот, меѓу кои е и храната – вели Вит.

Инаку, „Нова Македонија“ уште пред неколку години ја иницира идејата за формирање т.н. банка за храна, како една успешна алатка што може да ѝ помогне на Македонија во битката со немаштијата.

Банкарството со храна функционира во светот веќе 50 години, од 1984 година функционира во Европа, 35 години активно се практикува во Европа, а се прават напори да профункционира и во Македонија.
Душко Христов, претседателот на „Банка за храна“, вели дека постои начин за решавање на проблемот со фрлањето храна, и во општества поразвиени од нашето и во општества каде што развојот е зад нашето, но потребни се пред сѐ политичка волја, разбирање и посветеност за да се најде решение.

Тој вели дека, за жал, од 2019 година досега сѐ уште немаме соодветно законско решение што би ги забрзало случувањата во позитивен правец.
– Законот уште пред три години, откога беше инициран, не ја помина неопходната законска процедура. Според најавите што тогаш ги добивме, требаше предлог-законот да се најде на јавна расправа и потоа да замине во Собранието, каде што би се гласал од пратениците. Но поради актуелните случувања, и политички и здравствени, сѐ уште не се случи ништо. Иако нашата влада во својата изборна програма има најава на 192 страница дека ќе воведе закон за донирање на вишоците храна, тој ни одблиску не е спроведен – вели Христов.

Тој, сепак, се надева дека во периодот што следува надлежните конечно ќе добијат поткрепа и ќе имаат волја да се обидат поактивно да ја решат проблематиката, со што ќе се создаде правен механизам со кој ќе може храната што се фрла полесно да заврши во рацете на оние на кои најмногу им треба.