Еколошкото здружение „Еко-герила“ од Тетово на прес-конференција истакна повеќе забелешки за работата на општината и на градоначалничката Теута Арифи, истакнувајќи дека со тоа градот е далеку од Европа. Освен за еколошките проблеми, тие алармираат и за недемократско владеење.
– Денес, на Денот на Европа имаме градоначалничка што ги мами граѓаните, не ги почитува зборот и потписот што ги даде за граѓаните. Срамно е да се кријат информациите за тоа како се трошат парите на граѓаните на општината и јавните претпријатија. Со две страници документ го презентира завршниот биланс и фрла прашина во очите на граѓаните. Со оваа екстремна неодговорност, ни дава простор за сомнеж дека постои сериозна злоупотреба – истакна Аријанит Џафери од „Еко-герила“.
Тој рече дека не е прифатливо граѓаните да не се информирани за тоа кој е долгот на општината, на кого се должи, во чие време и од која причина е создаден тој долг.
– Денес, на Денот на Европа, продолжуваат измамите на градоначалничката, која со својот потпис на 9 октомври 2017 година вети и презеде одговорност дека улиците во нашите населби, пред нашите домови, ќе се чистат најмалку еднаш месечно со вода. Живееме во град каде што прашината на улиците во нашите населби сѐ уште е дел од секојдневниот живот за нашите деца. Улиците на нашиот град не се чистат како во Европа, само во одредени места и тоа како во 19 век, без механизација и модерна инфраструктура. Причината за детски респираторни болести е токму правот што го апсорбираат од околината – објасни Џафери.
Од „Еко-герила“ истакнуваат дека Тетово е град со најмалку зелени површини, а и тие неколку што се останати секој ден се бетонираат. Истакнуваат дека нема решавање на сообраќајниот хаос во градот, нема јавен превоз, а има узурпацијата на јавните површини. А.С.