Веќе неколку години, во неколку смени, бигорската обител организира основна верска поука за деца. Летниот црковен камп е уникатен и специфичен настан, кој станува најпрепознатлив белег за едукативната мисија на црквата во Македонија
Летниот црковен камп на Бигорскиот манастир станува еден од најатрактивните настани за децата чии родители се одлучуваат да им дозволат да поминат една недела во манастирите заедно со монасите и монахињите.
Веќе неколку години во текот на летниот училиштен распуст, во неколку смени, бигорската обител го организира ова доживување за децата.
Тие, покрај тоа што добиваат основна верска поука за христијанството, секојдневно се со монасите и монахињите и активно учествуваат во работилници, кои имаат за цел да го поттикнат интересот на децата и да ја пробудат нивната љубопитност за креативност.
Летниот црковен камп на Бигорскиот манастир е уникатен и специфичен настан, кој станува најпрепознатлив белег за едукативната мисија на црквата во Македонија.
– Архимандритот Партениј цврсто веруваше дека е потребно и од голема важност за иднината на народот да започнеме со организирање кампови по веронаука, за кои од самиот почеток има огромен интерес. Од година на година бројот на децата сѐ повеќе се зголемува. Запознавањето со основните вистини за верата, разните работилници, игри, како и интересните разговори за продлабочување на нивните религиозни доживувања за време на богослужбите, се само дел од целокупната програма на летните кампови. Особено полезни и привлечни за нив се искрените и поучни разговори со отецот Партениј, преку кои тие имаат можност да црпат од неговото длабоко духовно искуство и да научат многу за животот, љубовта, за разните доблести со кои е украсен човекот. Позитивните искуства стекнати кај нас, радоста и добрите навики, децата ги споделуваат и со пример ги сведочат во своите домови, во училиштата, меѓу нивните пријатели – велат од Бигорскиот манастир.
Инаку, монасите и монахињите што се под раководство на отецот Партениј веќе неколку години активно работат на изградба на манастирскиот комплекс „Свети Кирил и Методиј“ во селото Битуше, каде што всушност ќе биде центарот на овој летен камп по веронаука. До изградбата на овој комплекс, летните кампови се организираат во Бигорскиот манастир, каде што се сместуваат машките деца, и во манастирот од Рајчица, каде што се сместени девојчињата.
Голем дел родители чии деца биле дел од овие кампови се воодушевени од начинот и пристапот на монасите и монахињите до нивните деца.
– Најчесто остануваат од пет до седум дена. Тоа е вистинско уживање за нив, особено што од мали развиваат свест за разни активности. Присуството на литургиите, потоа разните работилници што поттикнуваат креативност за пишување, цртање, но што за мене е најважно нивниот интерес да бидат во текот на целиот ден со монасите и монахињите, тоа што сакаат да им помогнат во кујната, во градината, во дворот, сето тоа е непроценливо искуство – објаснува мајка чие дете било дел од овој летен црковен камп.
Бигорскиот манастир е еден од ретките во МПЦ-ОА што интензивно работи на едукацијата на младите преку изучување на веронауката како еден од темелите за градење морални вредности кај децата.
Над половина од граѓаните бараат верска поука
Веронауката во македонското општество е тема што е актуелна повеќе од дваесет години. Во овој период имаше многу иницијативи од верските заедници за нејзино имплементирање во образовниот систем на државата, но досега не беше најден најсоодветен модел што ќе ги задоволи сите страни.
Некои од социолозите предупредуваат дека на класичното верско образование не му е местото во државните училишта. Тоа го правдаат со можноста таквиот тип образование да придонесе дополнително кон дезинтеграција на младите и поделби по верска основа. За оние експерти што се против верската поука, прифатлив е модел што повеќе би имал социолошки и историски пристап во изучувањето на религиите.