Меѓу земјите од регионот, но и пошироко, постои интересен феномен на меѓусебна трка и дипломатско лобирање за отворање странска воена база на територијата на земјата-домаќин. Зошто е тоа така
Колкава е економската придобивка што ги стимулира државите од Европа, но и од регионот, да се обидуваат преку дипломатски средства да издејствуваат отворање американски воени бази на нивна територија. Оваа дилема стана актуелна во јавноста откако светските новинските агенции неделава информираа дека во Полска се забрзуваат плановите за отворање постојана американска воена база во која ќе бидат стационирани околу 1.500 војници и големи количества воена опрема и оружје.
Она што е уште поинтересно е што лани, државниот врв во Варшава истакна дека е подготвен на САД да им плати две милијарди долари за отворање американска база на полска територија. Сето тоа од економска гледна страна наведува на претпоставката дека воените бази се третираат како економски исплатлива инвестиција.
Докторот на воено-политички науки, Благоја Марковски, анализирајќи ги случувањата со отворањето американски и НАТО-бази, вели дека тие освен безбедносна димензија имаат и интересна економска заднина, која на прв поглед не е видлива, но носи големи придобивки за земјите.
Според него, доколку се знае колку тежат економските бенефиции лесно ќе може да се разбере зошто земјите од нашето соседство се обидуваат активно да го сторат истото како Полска.
Според Марковски, новата воена база во Поска ќе се отвори, бидејќи во моментов тоа геополитички им одговара и на двете инволвирани страни, и на Полска од едната и на САД и на НАТО од другата.
– Тоа што е интересно од економска гледна точка и треба да се знае е дека оваа воена база ќе биде една од поголемите во светот, а тоа ќе значи дека за таа намена НАТО и САД долгорочно ќе одвојуваат значителни финансиски средства, кои ќе се употребуваат за издржување, експлоатација и дејствување на утврдувањето – вели Марковски.
Според него, во базата ќе престојуваат претставници на НАТО-структурите и тие во своето дејствување ќе имаат и голема потреба од вработување за секундарни активности внатре во базата, за кои секогаш се ангажира локалното население.
– Тоа ќе значи дека еден добар дел од граѓаните на Полска во иднина ќе се вработи во воената база, која исто така ќе има потреба и од користење секојдневни продукти за функционирање на нормалниот живот, кои ќе се набавуваат од локалната економија, а тоа ќе биде поволно за земјата-домаќин. Од економски аспект, Полска од една страна добива вработување на своите граѓани, а од друга страна зголемена потрошувачка на полските производи, иако во моментов е тешко да се утврди колку ќе чини тоа во бројки, бидејќи воената база уште не е отворена.
Марковски потсетува дека индиректно нашата држава пред десетина години имала одредена економска полза од воената база на Косово „Бондстил“, во која порано се трошеле дел од нашите производи, кои сме ги извезувале во соседството, но и таму, покрај Косовците, се вработувало и добар дел од населението од Македонија.
Во меѓувреме, слични вакви иницијативи за отворање американски и НАТО-бази како во Полска изминатиов период имаше и на Балканот. Според одредени медиумски информации, државниот врв во Тирана е загрижен за ситуацијата на Балканскиот Полуостров, и ги повикува САД да создадат база на нејзина територија.
Власите во Албанија предлагаат изградба на поморска и авиобаза крај Јадранско Море за да се спречат заканите од Русија, но и од Кина, Иран и од Турција.
Претходно, пред две години, тогашниот грчки министер за одбрана Панос Каменос на средбата со државниот врв на Вашингтон предложил во Грција да бидат создадени нови американски воени бази, покрај постојната база во Суда, на островот Крит.
Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека Грција ги гледа САД како стратегиски партнер и сојузник и за Атина е важно од повеќе аспекти Пентагон да распореди постојани воени сили во земјата на локации во Волос, Лариса и во Александрополис.
Од друга страна, најблиска американска воена база во близината на Македонија е кампот „Бондстил“, кој е лоциран во соседно Косово, во селото Сојево, во општината Урошевац.
Оваа база е изградена во Косово по бомбардирањето на Србија и е именувана по американскиот воен ветеран Џејмс Л. Бондстил. Воената база зафаќа површина од 3,8 квадратни километри и е составена од приближно 300 објекти.
Интернет-порталот „Мондо“ во своја репортажа за темата истакнува информација дека во косовскиот буџет од воената американска база, само врз основа на кирија за земјиштето врз кое е изградено военото утврдување, годишно се слеваат околу 220.000 евра.
Балканската телевизија Н1, која е филијала во регионот на американската информативна мрежа Си-ен-ен во свој прилог за темава истакнува дека платата за цивилниот персонал во кампот „Бондстил“ се движи од 400 од 800 евра.
Медиумот потсетува дека своевремено, неколку години по случувањата во Косово, во воената база работеле најмногу околу 2.500 цивили од кои најголем дел биле од Урошевац, но и од соседството, иако денес бројот на овие вработени е мал и тие се ангажирани најчесто со договор за услуги.
Германскиот информативен сервис „Дојче веле“, во врска со економскиот импакт на американските воени бази во Европа, пишува дека доколку во иднина се повлечат американските војници од воените бази, кои се стационирани во земјата, тогаш локалната економија со сигурност би доживеала голем удар.
Денис Фелбс од американско-германскиот ротарен клуб во изјава за медиумот истакнува дека на местата каде што во Германија постојат американски воени бази, функционира еден цел систем на економска инфраструктура.
Фелбс објаснува дека на тие локации американските војници издвојуваат финансии за испраќање на нивните деца во училишта на англиски јазик, изнајмуваат домови каде што ќе живеат и ги трошат своите плати во германските продавници и трговски центри.
Тој истакнува дека ова воено присуство во просек сочинува и до 20 проценти од локалниот БДП на градовите и општините каде што се лоцирани воените американски бази.
Во анализата за влијанија на американската војска врз германската економија, се пренесуваат и податоци од истражувањето на Универзитетот од Трир, во кое се проценило дека од американското воено присуство, во 2001-та, во земјата таа година влегле 1,7 милијарда долари во локалната економија и биле поддржани околу 27.000 работни места на локалното население.