Отворена е бесплатна телефонска линија 080025555 на која во текот на работното време може да се пријавуваат неправилности во надлежност на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Ова го соопшти ДСЗИ, кој врши надзор особено над спроведување на мерките за појава и спречување на заразните болести во објекти што подлежат на надзор од ДСЗИ, по епидемиолошка индикација во објектите за производство и промет на храна, надлежности во однос на безбедноста на предметите за општа употреба и тоа; детски играчки, средства за одржување на чистотата, козметички производи; исполнување на условите за вршење на дејност во објекти од надлежност на санитарната и здравствената инспекција; санитарно-хигиенските услови во објектите, просторот, просториите, уредите и опремата во кои се врши здравствена дејност и дејности во областа на образованието, културата, социјалната заштита, спортот и рекреацијата, јавниот превоз, угостителството, туризмот, трговијата и другите стопански гранки.
Во областа на здравствената заштита, Инспекторатот, посочуваат оттаму, врши надзор особено над остварување на правата од здравствената заштита, остварување на правата од здравственото осигурување, вршење здравствена дејност согласно со одобрение од Министерството за здравство, почитување на работното време во здравствените установи, водењето на евиденциите во областа на здравството, примената на прописите од областа на здравството (ментално здравје, биомедицинско потпомогнато оплодување, прекин на бременост…) од областа на правата на пациентите, начинот на постапување со медицинскиот отпад во здравствените установи, примената на одредбите од областа на заштитата од пушењето.