Експертската група секогаш се трудеше да биде обејктивна и неутрална, нејзините извештаи не беа насочени против одредена политичка опција, а во корист на друга, тие беа фокусирани на проблемите, не на политичарите, партиите, носителите на моќ во дадениот момент, а фокусот треба да биде ставен на воспоставување на владеењето на правото и судски систем, кој ќе работи во интерес на правдата.
Ова го порача денеска Рајхард Прибе, кој беше дел од петчлената експертска група, врз основа на чии извештаи се градеа темелите на реформите, што во земјава се спроведуваат по кризата и скандалот со прислушувањето.
Тој денеска на Универзитетот ФОН на свечена академија од страна ректорот на оваа образовна установа Нано Ружин ја доби титулата Profesor Honoris Causa, почесна титула која се доделува како признание за компетентност и исклучиви дострели на домашни и меѓународни личности во главните домени на човечката активност како што се науката и литературата, културата и општествените дејности, политиката, правото и економијата, администрацијата, финансиите, архитектурата, информатиката, уметноста, спортот…
-Работеше тим од пет експерти и се надевам дека тие извештаи помогнаа за да се разјасни ситуацијата и да се донесат правилни одлуки. Сега во фокусот на ЕУ се судските реформи, сите овие напори се насочени да и помогнат на земјата во воспоставување на владеењето на правото и особено на судство на здрави темели. Овој реформски процес најпрво е во интерес на вашата земја и не треба да се гледа како нешто што треба да ја задоволи ЕУ- рече Прибе.
Тој напомена дека прогрес е направен и оти во моментов е потребно да се надмине длабоката политичка поделеност во земјата со консеузус за тоа што е потребно за да се направи прогрес.
Како исклучителен го оцени Договорот со Грција за решавање на името, а за премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас рече дека покажале огромна храброст.
-Вообичаено балканските прашања не се меѓу топ вестите во европските земји, но Договорот за името беше топ вест и овој Договор се смета за големо достигнување. Двајцата премиери демонстрираат огромна храброст да се најде решение на прашање кое долги години не беше решено, рече тој и нагласи дека со овој потег и двете земји демонстрирале вистинско лидерство. Изрази задоволство и од Договорот за добрососедство со Бугарија и додаде дека нема сомнение оти консолидацијата со две земји-членки на ЕУ ќе ја движи земјата напред кон нејзината ЕУ агенда.
-Договорот од Преспа ги отвори вратите за членството на Македонија во НАТО, но се плашам дека членството во ЕУ ќе биде подолго и поболно. Владата и големо мнозинство од земјата имаат голема надеж дека оваа година ќе отпочнат преговорите, ова лето и Владата е одлучна да стори се што е во нејзина моќ за да ги отстрани препреките и да ја движи земјата напред- рече Прибе.
Но напомена дека постои свест дека има значителни недостатоци на владеењето на правото и функционирањето на демократските институции, што како што рече се главните прашања, кои го засегнаат Брисел и сите земји членки.
-ЕУ не е рај на земјата и Унијата без сомнение се соочува со тешки моменти- нагласи Прибе и додаде дека Брегзит покажал дека напуштањето на Унијата е исто толку комплицирано како и влезот. Истакна дека и самата Унија се соочува во своите кризи – разликите меѓу земјите-членки за мигрантската криза, а во некои земји-членки се нотирани сериозни проблеми во однос на владеењето на правото и демократските стандарди, но и борбата против корупцијата.
Титулата почесен професор му ја додели ректорот на ФОН Ружин кон нагласи дека Прибе изминатите децении станал најдобар познавач на Балканот и на нашите политички аномалии и кој, како што рече, и порачал на македонската експерстка фела дека може да направи промени и дека пред се треба да се смени себе си за да го смени светот.
-Рајнхард Прибе проникна во суштината на нашиот балкански дух и менталитет, во нашите политичари и политиканти, во мултиетничноста и диверзификацијата на религиите, традициите и различниот мозаик на културите во факторите на тензијата и дестабилизацијата, во криминалот и корупцијата- рече Ружин.
Прибе е избран за редовен професор од Меѓународниот универзитетски совет на Меѓународниот универзитет за мир на ОН – Европскиот центар за мир и развој со седиште во Белград, кој има свои активности во повеќе држави од регионот.
Во тоа својство тој држи предавања од право на Европската унија и е ментор на последипломски и докторски студии во повеќе единици на Европскиот центар за мир и развој, меѓу кои и во неговиот клон во Република Македонија. Прибе е покануван како визитинг професор на наши универзитети, а држел предавања и на Првата сесија на Охридската школа на природно право на ЦСИ на МАНУ во Охрид, јуни 2017 година.
Особено е значајно вршењето на неговата функција на директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за надворешни работи и Генералниот директорат за проширување на ЕУ (2001–2006 година), што му овозможило најнепосредно да се запознае со состојбите, евроатланските перспективи и проблемите на Република Македонија и соседните држави-кандидати за членство во ЕУ и активно да учествува и помага во забрзување на нивниот евроинтегративен процес.