Фото: Игор Бансколиев

Поаѓајќи од барањата за транспарентност и увид во процесот на донесување на предлог-законот за специјалното јавно обвинителство, преку заложби и активности за дислокација на гасоводот од Водно, па до преиспитување на одлуката на Уставниот суд за мораториумот во Центар, со широк спектар се движат граѓанските активности преку кои граѓанските активисти се обидуваат во името на граѓаните да коригираат или иницираат некои одлуки на централните власти. Граѓанскиот активизам стана многу популарен во Европа и во светот, бидејќи алатките со кои се служат активистите допираат до голем број граѓани, а се прифатени бидејќи понудените иницијативи или решенија на граѓанските организации и движења се добредојдени за големи групи луѓе, а поретко се политизирани.

Но како што покажува практиката во нашата земја, граѓанинот ретко е фактор чии аргументи се земаат предвид од власта на централното, но и локалното ниво. Колку невладиниот граѓански сектор навистина има можност да влијае во донесувањето на одлуките и колку учествува во нивното креирање е прашање во контекст на новиот тренд, кој зема сѐ поголем замав во развиените демократии. Кај нас, тврдат токму аналитичарите од граѓанскиот сектор, сѐ уште се прележуваат детските болести на граѓанскиот активизам. Токму кај нас досега во неколку наврати граѓанскиот активизам „се инфицира од политичките интереси и функционерските фотелји“. Експертите велат дека има мноштво примери каде што граѓанските организации и невладини здруженија во земјава се формираат ад хок и дејствуваат само по потреба, односно кога некоја политичка партија најчесто има потреба да истурка некоја идеја, одлука или замисла.

Професорот Атанас Козаев, познавач на граѓанските комуникации, вели дека локалната самоуправа е замислена како основна клетка на изразување на луѓето и нивното учество во креирање на одлуките и затоа е многу важно да се одвива на локално, а не на централно ниво, во Владата и министерствата. Според него, во Македонија досега многу истражувања покажале дека учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки, закони или други решенија од важност за граѓаните е многу мал, дури и незначителен во однос на светот и опкружувањето.

– Граѓанскиот активизам во светот е предводник на власта и одлуките што се носат без негов глас, односно ста,в честопати се враќаат на преиспитување. Овде е сосема спротивно. Граѓаните велат дека како што кај нив нема голема заинтересираност за вклученост во работата на власта, така и кај централните и локалните власти недостига слух за нивниот глас. Конкретно во Македонија, иако невладините организации деновиве имаат проекти за мониторинг на реформите во правосудството во пресрет на нашето членство во ЕУ, тие многу малку се надеваат дека со тоа ќе извршат притисок врз власта да ги спроведе реформите. Понатаму, сведоци сме и на тоа дека граѓанските организации не беа вклучени во работата на работните групи при подготовката на Предлог-законот за Јавното обвинителство, и се бараше Владата да го повлече предлог-законот и тој да не се доставува до Собранието, но до тоа не дојде.

Сето ова нѐ наведува на заклучок дека во земјава за големите политички прашања, Владата, но и претходните раководства, не сакаат да соработуваат на овие теми, затоа и се добива впечатокот дека власта е без слух за граѓаните, но и тие истовремено се без конкретна иницијатива за глас – оценува професорот Козарев, посочувајќи примери дека во светот граѓанските иницијативи се проактивни и однапред се вклучуваат во креирање определени решенија од поширок, општествен интерес. Кај нас ретки се примерите за однапред дејствување на граѓанските организации, а почесто тоа е пост фестум, каде што граѓанските организации отпосле и реактивно реагираат на одредени решенија на властите.


Проактивна граѓанска иницијатива и кај нас

Во меѓувреме седум организации, „Хелсиншкиот комитет за човекови права“, коалицијата „Сите за правично судење“, „Институтот за човекови права“, „Македонското здружение на млади правници“, „Центарот за правни истражувања и анализи“, „Институтот за европска политика и фондацијата „Отворено општество – Македонија“, деновиве имаат забелешки на предложеното законско решение за ЈО, главно во делот што се однесува на СЈО. Тие бараат Владата да го повлече предлог-законот и да го врати до надлежното министерство, кое во партиципативен и транспарентен процес ќе го доработи земајќи ги предвид нивните препораки. Тоа што го побараа овие седум организации, сега го бараат вкупно 16 од платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Доколку со предлог-законот се пристапи кон присоединување на СЈО кон ЈО, а со тоа се загрози мандатот на обвинителката Катица Јанева, бараат постапката за избор на нов прв човек на СЈО да овозможи и повторен избор на Јанева, во транспарентна постапка, идентична на онаа за избор на членови на ДКСК, но и јавна дискусија во матичните комисии во Собранието, на која ќе бидат поканети претставници на платформата и други заинтересирани лица.

[email protected]