Десет мрежи на здруженија на граѓани во 9.30 часот, пред Собранието (влезот од страната на Дом на АРМ) ќе одржат прес конференција на која ќе повикаат на итен избор и именување на кадар во повеќе институции и тела од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Изборот и именувањето на повеќе тела е закочен во Комисија за прашања на изборите и именувањата, со што овие институции не можат да ги исполнуваат своите надлежности, да ги спроведуваат реформите во своите области и соодветно да ги промовираат и заштитуваат правата на граѓаните, да ја мониторираат работата на извршната власт и да ги спроведуваат новите законски решенија. Се работи за институции кои се од исклучителна важност за демократизацијата на нашето општество како: Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Агенција за слободен пристап до информации од јавен карактер, Државниот завод за ревизија, програмски совет на МРТВ, Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Судскиот совет и надворешниот механизам за граѓанска контрола врз полицијата при Народниот правобранител.
– Сметаме дека функционалноста на овие институции е од заеднички интерес на сите граѓани, здруженија на граѓани и медиуми. Поради ова сакаме го свртиме вниманието на јавноста и на донесувачите на одлуки кон овие исклучително значајни прашања за благосостојбата на граѓаните, одговорноста и отчетноста на властите. Позади оваа иницијатива стојат десет мрежи на здруженија на граѓани кои заедно обединуваат околу 100 здруженија и иницијативи кои активно работат на унапредувањето и заштитата на човековите права – велат организаторите.