Дежурните синоптичари велат дека изминатите денови се случил пад на температурата од осум до 10 степени, но веќе следниот период ќе се бележи тенденција на голем пораст. Претстојниот викенд температурата ќе се движи до 35 степени. Веднаш потоа, таа повторно ќе расте и следната недела ќе оди и до 38 степени
Во еден ден во Македонија се сменија две годишни времиња. Од екстремно високи температури до 40 Целзиусови степени, се случи пад од околу 10 степени што предизвика проблеми, пред сѐ, за хронично болните луѓе. Ладниот воздушен бран што дојде од северозапад донесе силни ветрови, наместа и пороен краткотраен дожд и грмотевици. Сето тоа најмногу, според докторите, може да се одрази на метереопатите, но и на оние со ревматични и кардиоваскуларни заболувања.
Според синоптичарите од Управата за хидрометеролошки работи, веќе од утре температурата ќе бележи тенденција на пораст, а до средина на седната недела ќе достигне максимални 38 степени.
– Се случи пад на температурата од осум до 10 степени, но веќе следните денови ќе бележи тенденција на голем пораст. Претстојниот викенд температурата ќе се движи до 35 степени. Веднаш потоа, таа повторно ќе расте и следната недела ќе оди и до 38 степени – велат дежурните синоптичари.
Докторите предупредуваат дека ваквите нагли намалувања на температурата може да ја почувствуваат најмногу хронично болните, како тие со срцеви, невролошки, ревматични и белодробни болести. Посочуваат да бидат дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата терапија.
Од брза помош вчера изјавија дека имале неколку дојави за колапс на луѓе на јавни места, но сето тоа завршило без драстични последици.
– Имаше и неколку јавувања за варијации на крвниот притисок, но по нашите инструкции сѐ се среди, откако ја зедоа нивната редовна терапија – додаваат од брза помош.
Оттаму посочуваат дека на ваквите температурни разлики на времето најмногу треба да внимаваат метереопатите и хронично болните, кои треба да ја земаат редовната терапија и да внимаваат на пиењето течности и на исхраната.
Доктор Венцо Јовевски од првата приватна болница „Ре-медика“ вели дека временските намалувања на температурата најмногу се одразуваат на пациентите со ревматични заболувања, како и на тие со висок крвен притисок.
– Падот на температурата може да предизвика главоболки, болки во зглобовите и во коските, покачен крвен притисок. Но сето тоа може да се контролира, со редовна терапија и со редовни лекарски контроли – додава доктор Јовевски.