Револуционерен исчекор на Бирото за развој на образованието
Ако наодите на овој пилот-проект покажат дека на овој начин со двајца наставника наставата е поуспешна, ако учениците се позадоволни и има поголеми резултати, кои се одразуваат не само на физичкиот развој кај децата, туку и на нивниот психички и емотивен развој, како и на зголемување на нивниот едукативен апсорпциски капацитет, одговорните во бирото ќе побараат од Министерството за образование и наука, дали постепено или во зависност од финансиските средства, таквиот начин на изведување на наставата да се практикува во сите училишта на ниво на државата
Наставниот план во одделенска настава од пред неколку години предвидува повеќе часови по физичко образование. Бројот на часовите по овој предмет беше зголемен заради правилниот раст и развој на децата од најрана возраст. Така, на пример, децата во трето одделение веќе неколку години едноподруго наместо два, имаат трипати физичко образование во неделата. Одговорните во Бирото за развој на образованието велат дека со проект на програмата „Еразмус плус“, во неколку училишта, покрај одделенскиот наставник, на часот по физичко присуствува и наставник по предметот физичко и здравствено образование.
– Физичкото образование е многу значајно за правилниот раст и развој на децата, особено во време кога тие најголемиот дел од своето слободно време, а и времето во училиште, го минуваат пред компјутер и користат мобилни телефони, таблети. Затоа ние работиме на унапредување на квалитетот на наставата по физичко образование уште од најрана возраст. Во таа насока е и реализирањето проект во неколку училишта, каде што наставата од најрана возраст ја изведуваат одделенските наставници со поддршка на наставник по физичко и здравствено образование. Овој проект е од програмата „Еразмус плус“ и го реализираме заедно со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје од Скопје и Факултетот за спорт од Љубљана – информираат оттаму.
Во бирото нагласуваат дека ако наодите покажат дека на тој начин наставата е поуспешна, учениците се позадоволни и има поголеми резултати, ќе побараат од Министерството за образование, дали постепено, или во зависност од финансиските импликации, таквиот начин на изведување на наставата да се практикува во сите училишта на ниво на државата.
Минатата година анализите на Институтот за јавно здравје покажале дека дури 31 отсто од машките деца и 29 проценти од девојчињата во Македонија имаат телесна тежина поголема од предвидената за нивната возраст. Од нив, 16 отсто од машките и 13 отсто од девојчињата се дебели. Податоците се однесуваат на децата на возраст од 7 до 8 години.
Тенденцијата за пораст на бројот на дебели деца е последица на неколку фактори, а главни се лошата исхрана, слабата физичка активност и седењето пред компјутери. Со тоа уште на мала возраст децата се соочуваат со ризици за хронични болести, кои ги носи дебелината – нарушувања во метаболизмот на шеќерот, на мастите и на хормоните, а значајно влијае и на квалитетот на животот.
Инаку, одговорните во Бирото за развој на образованието, освен што работат на физичкото образование, следат и дали би имало потреба од зголемување на часовите по англиски јазик.
– Наставните програми по странските јазици, меѓу кои и англискиот јазик, се развиени и се изучуваат во согласност со Заедничката европска референтна рамка за јазици, така што е предвидено учениците да постигнат познавање на јазикот на А2-ниво според таа рамка. Ќе направиме уште една анализа дали овој број на часови е доволен за постигнување на ова ниво. Засега нема да има промени во насока за намалување или зголемување на бројот на часови по англиски јазик во основното образование – велат оттаму.