Министерот за надворешни работи за евакуацијата на македонските државјани од Авганистан
Дваесет и пет македонски државјани треба да заминат со американски воен авион од аеродромот во Кабул, додека се очекува евакуација на уште 50 македонски државјани од Авганистан, каде што состојбата нагло се влоши во изминатите 24 часа, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Од околу 50 граѓани кои утрово беа на аеродромот во Кабул, 25 веќе се наоѓаат на воениот терминал и регистрирани се за следниот лет со воен авион на американската армија. Тие ќе бидат упатени за Доха, Катар, од каде што нивниот пат за враќање дома е неспорен. Останатите околу 25 граѓани се упатени на следниот лет и во моментов работиме за нивна регистрација и потоа евакуација директно од аеродромот во Кабул. Располагаме со информација за уште 25 граѓани кои се наоѓаат во американската база во Кабул. Тие се безбедни и во моментов се на листа на чекање за да бидат трансферирани кон аеродромот и потоа евакуирани – рече Османи, додавајќи дека МНР продолжува и натаму внимателно да ја следи состојбата во Авганистан, како и дека моментно не располага са информација за други македонски државјани во Авганистан, односно дека во МНР нема ниту еден пријавен државјанин кој се наоѓа во загрозена состојба.
МНР завчера формира работна група која работи на евакуација на македонските државјани кои се работно ангажирани во Авганистан.
Македонија во јули го повлече сиот воен, дипломатски и цивилен персонал и во моментов нема свои претставници во Авганистан.
Во Македонија деновиве ќе пристигнат околу 190 бегалци од Авганистан
Министерството за надворешни денеска соопшти дека Македонија како членка на НАТО ќе преземе солидарна одговорност привремено да прифати бегалци од Авганистан, лица кои изминативе 20 години работеле на мирот во таа земја и биле локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија.
– Во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан – посочуваат од ресорното министерство.
Времето на полетување на овие граѓани од Авганистан сѐ уште не може да се потврди имајќи ги предвид сложените услови на аеродромот во Кабул, но може да се очекува дека ќе пристигнат следните денови.
– Хуманитарците, вработените во организациите за човекови права и членовите на нивните семејства планирано е да пристигнат на аеродромот во Скопје после што задолжително ќе бидат упатени на 14-дневен карантин заради превенција од Ковид-19. Министерството за здравство ќе организира и пунктови за вакцинирање за граѓаните кои нема да бидат вакцинирани – се наведува во соопштението од МНР.
Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави.
Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации, додаваат од МНР.