Според безбедносните аналитичари, секоја земја со членството во НАТО губи дел од својот суверенитет, но сето тоа е базирано на партнерски однос, исклучиво на дијалог, соработка, согласност на сите членки и од заемен интерес
Дали Македонија со влезот во НАТО ќе изгуби дел од својот суверенитет во носење воени и безбедносни одлуки ако се знае дека шефот на државата е врховен командант и најголем дел од неговите надлежности се во делот на одбраната на земјата и надворешната политика. Оваа дилема е актуелна во домашната јавност во моменти кога земјата се наоѓа на почетокот на изборна кампања за претседателските избори, но истовремено и со нашето приближување до конечното пристапување во глобалната воено-политичка организација.
Докторот на воено-политички науки и пензионираниот полковник во пензија Благоја Марковски вели дека нема сомнеж во фактот дека со приклучувањето на земјата во НАТО губиме дел од својот суверенитет.
Според Марковски, дополнително истото, но во економска и политичка смисла на зборот важи и за нашето зачленување во Европската Унија.
– Нам треба да ни е јасно дека секоја држава што самата изразила определба да стане дел од НАТО и од ЕУ повратно подразбира дека таа искажува и согласност и подготвеност да се откаже доброволно од својот суверенитет во полза на меѓународните организации кон кои пристапува – вели Марковски.
Марковски објаснува дека во модерните општества и во денешно време суверенитетот честопати се идентификува со глобализацијата и со дејствувањата на заедничките меѓународните организации како ЕУ и НАТО во кои дејствуваат земјите-членки и имаат заеднички интерес.
– Со нашето членство во НАТО, ние делумно се откажуваме од суверени права во смисла врховниот командант или министерите за одбрана и внатрешни работи да одлучуваат за големи безбедносни проблеми, но за возврат добиваме многу повеќе од што можеме да жртвуваме. Ние влегуваме во еден колективен систем на безбедност, кој е многу побезбеден за државата отколку самостојно да се браниме – вели Марковски.
Полковникот објаснува дека сето тоа во НАТО е базирано на партнерски однос каде што никој со сила не може да ти наметне на кој начин Македонија ќе се однесува во генералната политика на Северноатлантската алијанса, која се базира исклучиво на дијалог, соработка и согласност на сите членки и, оттаму, не треба да стравуваме за нашиот суверенитет.
На слична тема, универзитетската професорка Билјана Ванковска истакнува дека мора да се води сметка кога станува збор за нашиот суверенитет во НАТО и во ЕУ, бидејќи, според неа, постои огромна разлика во сувереноста на двата субјекта.
– Имено, Европската Унија е поставена на концептот на т.н. супранационална организација, која преку своите елементи треба да инкорпорира дел од суверенитетот на секоја нејзина членка, притоа одземајќи го, односно давајќи го од граѓаните на таа држава (суверени) и предавајќи го во рацете на неколку илјади евробирократи, кои во името на домицилното население во најголемиот случај ќе одлучуваат без тоа да биде запрашано дали се согласува со некоја одлука или не. Од друга страна, за разлика од ЕУ, НАТО пак е меѓувладина организација, која, го презема управувањето со одбраната, армијата, одбранбените стратегии итн., а во која не се применуваат супранационалните елементи, односно постои алатката „суспензивно вето“, со кое многу потешко може да се изгуби суверенитетот на една земја при носењето на одлуките или кроењето на политиките. Сепак, познавајќи ги и следејќи ги политиките на Западот, доколку слободата на политичко одлучување ѝ ја предадеме на организација како ЕУ, а одбраната на НАТО, во тој случај ние индиректно ќе ги предадеме целокупната сувереност и независност за одлучување и водење на нашата земја – истакнува Ванковска.