Процесот на рушење на дивоградби во Охрид ќе трае и можеби ќе треба да го продолжи некој друг градоначалник после мене, вели првиот човек на Охрид, Константин Георгиевски. Според него, нема потреба од одложување на уривањето по летната сезона, бидејќи законот е ист како во јануари, така и во февруари, јуни и во јули. Георгиевски тврди дека се даваат максимални напори за да се поправи сликата за Охрид, а за рушењето на дивоградбите побара поддршка и од охриѓани.
– Го разбирам интересот на јавноста и на медиумите во врска со сите актуелни прашања деновиве. Но, со должна почит, би сакал да упатам еден јавен апел до сите охриѓани, до сите засегнати страни во целокупниот процес, да покажат поголемо разбирање и да дадат поддршка на мерките кои се спроведуваат и кои се во насока на сопирање на самоволието и импровизациите кои се случувале со години наназад. Даваме максимални напори да ја поправиме целокупната слика, која години наназад му нанесе големи штети на имиџот на охридскиот туризам, а најмногу во строго заштитената зона на крајбрежјето на Охридското Езеро. Треба сите да сфатиме дека таков тип на урбанизација на крајбрежјето повеќе нема да има. Ве повикувам сите заедно да ја запреме деградацијата на уникатните аспекти на регионот, да го штитиме нашето духовно и материјално наследство и да го чуваме за идните генерации. Само така ќе може да имаме подобри услови за развој на туризмот и подобра иднина, која Охрид ја заслужува – истакна градоначалникот Георгиевски.
Тој вели дека е избран за да го спроведи законот, односно да ги отстрани сите дивоградби во градот.
– Процесот на рушење кој ќе трае, кој ќе продолжи. Можеби ќе треба да го продолжи некој друг градоначалник после мене, но важно е да го трасираме патот на еден нов развој на Охрид. Во старото градско јадро, сепак, надлежностите се на Министерството за транспорт и врски и Државниот градежен инспекторат. Но, секаде, на секое друго место каде што сме ние надлежни ќе си постапиме. УНЕСКО чука на врата цела година. Чукате и вие цела година. Чука и законот. Законот е ист и во јануари, февруари, јуни и во јули. Ние мора да постапиме, затоа сме избрани – додаде Георгиевски.