Висока воена делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Хрватска, предводена од началникот на генералштабот на ВС на Република Хрватска, генерал Мирко Шундов, која е во официјална посета на Армијата на Република Македонија, денес престојуваше во Генералштабот и Министерството за одбрана.
По приемот со високи воени почести, генералот Шундов оствари средба со неговиот домаќин, началникот на генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
За време на официјалната средба генералот Ѓурчиновски изрази благодарност за досегашната поддршка од Вооружените сили на Република Хрватска, која е континуирана и особено значајна како во изминатиот период, така и во периодот кој следува во процесот на нашето интегрирање во НАТО алијансата.
Генералот Мирко Шундов имаше средба и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска на која беше потенцирана извонредната соработка меѓу двете земји, особено во областа на одбраната. Шекеринска се заблагодари за брзата ратификација на протоколот за пристапување на Македонија во НАТО и ја оцени како одлична соработката меѓу армиите, во доменот на образованието и заедничкото учество во воени вежби.
Генералот Шундов честиташе на успешно изодениот пат на нашата земја кон членството во НАТО и ги понуди искуствата на хрватската армија на секој понатамошен чекор. Тој изрази благодарност за учеството на Армијата на меѓународната воена вежба „Итен одговор“ во Хрватска и упати пофални зборови за квалитетната селекција на наши кадри, кои се упатуваат на школување во воено образовните центри во Хрватска.
Покрај можностите за унапредување и проширување на билатералната соработка, во текот на средбата со делегацијата на ВС на Република Хрватска се разговараше и за процесот на трансформација и модернизација на Армијата, придонесот на Армијата од учеството во операциите во странство, користење на капацитетите на АП Криволак за вежбовни активности, ангажирањето на Армијата во поддршка на МВР при справување со мигрантската криза.
Во рамки на посетата делегацијата на Вооружените сили (ВС) на Република Хрватска, ќе биде примена и од Претседателот на Република Македонија.
Делегацијата на Вооружените сили (ВС) на Република Хрватска го посети и полкот за специјални операции, во касарната „Илинден“, каде се одржа брифинг за единицата, методско показна вежба и презентација на дел од средствата со кои единицата располага, а во текот на утрешниот ден ќе оствари посета и на Центарот за обука на пилоти во Петровец.