Од ресторанот, каде што на 7 март било одржано стручно предавање на дерматолозите, на кое присуствувала и заразената докторка Нина (Цаца) Билјановска, информираат дека нивните вработени не биле во директен контакт со заболената, која предавала на настанот.
Попладнево министерот за здравство соопшти дека во текот на викендот се одржала конфенренција за кожни болести, на која учествувале 103 експерти од областа, меѓу кои и заразената докторка. За нив е изречена мерка за 14-дневна домашна изолација.
Меѓу нив имало и тројца грчки гости, па министерот го известил својот колега за случајот.
По дознавањето на веста, раководството на ресторанот „Рагуза 360“ веднаш побарало од Институтот за јавно здравје темелно да извршат комплетна дезинфекција на објектот.
Од таму информираат дека се во директна комуникација со Министерството за здравство.
– По одржување на настанот, до денеска немавме други настани или прослави. Телефонски разговаравме со нашите вработени, како и со оние што директно служеа во салата, засега немаат симптоми, но сепак одлучивме да се дома, да не доаѓаат на работа и да направат тест за вирусот – стои во соопштението од ресторанот.