Пописот на населението, домаќинствата и становите, кој започна да се спроведува на цела територија на Македонија на 5 септември се одвива со голема поддршка и интерес од граѓаните. Потврда за тоа е големата бројка на попишани граѓани. Само во првите четири дена со попишувањето се опфатени повеќе од 200.000 граѓани, соопштија денеска од Државниот завод за статистика.
– Во тек е надминување на помали технички предизвици кои повремено се појавуваа претходните денови кога на терен имаше висок интензитет на попишување. Сите внесени податоци се успешно процесирани во системот, а техничките усогласувања се прават со цел процесот да продолжи со несмален интензитет. Досегашната динамика на попишувањето на терен е гаранција дека заклучно со 30 септември успешно ќе бидат попишани населението, домаќинствата и становите на територијата на целата земја – велат од оваа институција.
Државниот завод за статистика изразува благодарност до сите граѓани кои свесни за важноста од спроведување на оваа најобемна статистичка операција, се конструктивен партнер во процесот.