За искуствата, придобивките и потенцијалите на органското производство сведочат и сопствениците на една традиционално организирана фарма за органско, еколошко, здраво производство на кокошкини јајца. Се наоѓа во околината на селата Ново Село и Волково.
– Органското производство има огромни потенцијали за развој во државава. Имаме плодна почва во изобилство, која за наша среќа сѐ уште не е загадена во голем број региони. Сончеви денови исто така во огромен број во текот на целата година. Многубројните реки и потоци по планините, изворите во селата, па и системите за наводнување во низините овозможуваат одлични услови за развој на органско производство. Едноставно само треба тоа да се сака и треба да се работи. Пазарот, и овој локалниот, и регионалниот, а да не зборуваме за светскиот, е ненаситно гладен за ваква храна. Додека другите држави го дуплираат ваквото производство ние сѐ уште зборуваме за тоа дали е вредно да се инвестира во вакво производство или не?
Очекуваме некакви странски инвестиции, кои врз нашата плодна почва ќе направат фабрики што ќе ја загадуваат истата таа почва и само ќе ни обезбедат просечни плати, наместо да станеме партнери со природата и да почнеме да работиме за себе. Во светот нема ништо повредно од чистата и здрава храна и вода. Ние го имаме тоа, но не ја сфаќаме неговата вредност. Конкретно, нема производ од кој има вишок на пазарот, а кој е органски произведен. Неговата повисока цена, пак, овозможува и економска исплатливост да се занимавате со овој бизнис. Во „Наша фарма“ произведуваме кокошкини јајца за кои има голема побарувачка. Исто така чувствуваме дека многу се бара органскиот зеленчук како и млечните производи. Исто така, недостигаат овошје и јаткасти плодови. За месо и да не зборуваме… Доколку обезбедите и достава до дома тогаш нема зошто да не успеете. Само треба да сакате да работите. За нас од „Наша фарма“ е огромно задоволството затоа што работиме во согласност со природата и ете покажуваме како всушност треба да се развива еден вид хумана економија – објаснува брачната двојка Ирена и Жарко Василевски, сопственици на „Наша фарма“.