Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе информација за енормното загадување на амбиентниот воздух во Mакедонија, a заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, пак, истакна дека има намалување на бројот на денови со надминати среднодневни концентрации на ПМ10 честички, на денешната-пресконференција.
Поради алармантната ситуација во која се наоѓа Република Македонија во однос на загадувањето на амбиентниот воздух во градовите на Република Македонија, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ како и што најави поднесе информација за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија. И бараме од господинот Талат Џафери истата информација да ја стави на дневен ред на утрешната седница изјави Драган Данев од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
И поради алармантноста на ситуацијата во однос на загадувањето на воздухот истата да биде разгледана и по неа дискутирано во текот на утрешната седница. Оваа точка бараме да се стави како прва точка на дневен ред на утрешната пленарна седница.
Ова господинот Талат Џафери е обврзан според Деловникот на Собранието на Република Македонија. И тоа членот 69 став 3 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.
За ваша информација и за информација на граѓаните на Република Македонија ставот 3 од членот 69 гласи дека „претседателот на Собранието е должен на секоја втора редовна седница да внесе една точка по предлогот на дневниот ред за седницата на Собранието по предлог на пратениците од опозицијата која ги исполнува условите утврдени со овој Деловник“.
Оваа информација ги исполнува сите услови и ние уште еднаш го повикуваме господинот Талат Џафери во оваа седница да ја предложи како прва точка на дневниот ред на утрешната седница. Досега имаме неколку иницијативи поднесено, ниту една од овие иницијативи не е ставена како прва точка на една од седниците пленарни на Собранието. Верувам дека поради алармантноста на ситуацијата оваа точка ќе биде ставена како прва точка на утрешната пленарна седница на Собранието на Република Македонија, истакна Данев.
Борбата за здрава животна средина и чист воздух е процес, кој бара координирана и интегрирана акција од сите чинители во општеството, од системски мерки на организациско или институционално ниво, до промена на некои навики кај секој од нас лично, порача заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули на прес-конференција.
Тој нагласи дека ова е прва Влада што не бега од темата за аерозагадување, ниту ја прикрива, туку, како што рече, е прва која презема конкретни мерки.
– Факт е дека оваа година има значително намалување на бројот на денови со надминати среднодневни концентрации на РМ10. Некои ќе се повикаат на времето, климатските промени, но факт е дека намалувањето е и резултат на заедничка акција на сите. Резултат на зголемената свест кај граѓаните, која е на највисоко ниво до сега и е дополнителен поттик за оваа влада. Граѓаните, особено помладите и користат превозни средства кои не загадуваат и сепарираат отпад, но и ги убедуваат своите родители да не се греат на дрва – вели Макрадули.
Истакна дека има редовни, 24 часовни, построги инспекции од страна на надлежните институции и како што рече, за прв пат се фаќаат сторители кои палат кабли или стрништа, кон нив се поднесуваат соодветни пријави.
„Во градот Скопје има повеќе зеленило, ослободени дрва, поставувани се зелени бариери помеѓу пешаците/велосипедистите и возилата, нови паркови, зелени кровови. Во 36 општини, во 108 јавни објекти има фотоволтаични системи. Нашата земја е шампион во реформи во енергетската политика, го намаливме ДДВ-то за парното греење, ја одржавме цената на струјата и таа е достапен извор за греење, исплатливо е навистина, да се греете на струја.
Но, како комплементарен придонес се и мерките од Планот за чист воздух, прв стратешки документ донесен од некоја влада која директно се справува со изворите на загадувањето. Секојдневно сме сведоци на активности каде, пред се во градинките и училиштата се интервенира во замена на начинот на затоплување. Во рамки на Планот за чист воздух: Замена на нееколошките системи за греење во 45 објекти: Досега четири детски градинки од предвидени 12 градинки, шест училишта од предвидени 29 училишта и два административни објекти од предвидени четири.
Успешноста на Планот за чист воздух не е само справувањето со аерозагадувањето, туку и заштедата на буџетските средства и еколошка заштита. Успешноста на Планот е и подобрувањето на енергетската ефикасност на објектите и овозможување на заштеда и на топлинска енергија и намалување на сметките за загревање за 30 oтсто. Ова е патот по кој што поминале повеќе европски земји, скоро ист план работат Чешка, Полска, Словачка и Бугарија, порача Макрадули.