Платите во јавниот сектор ќе се исплатат навремено и во рамки на законскиот рок, повисоки за пет отсто, како што беше ветено, соопштија од Владата.
– Септемвриската плата со ветеното покачување од пет проценти ќе се исплати во законски предвидениот рок. Зголемена плата за 5 проценти ќе добијат здравствените, социјалните, просветните работници, полицијата, одбраната и целиот јавен сектор. Зголемувањето на платите е предвидено со иницијалниот Буџет за 2019 година, а Законот кој го овозможува тоа по скратена постапка се очекува да помине во Собрание во текот на следниве денови – се наведува во соопштението.
Од Владата велат дека ова е трето зголемување на платите во здравството и второ во армијата и образование и детските градинки.
Во насока на зголемување на платите, додаваат од таму, е и мерката за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, за која со ребалансот на Буџетот за 2019 година се обезбедени 400 милиони денари.
Од Владата појаснуваат дека целта на оваа мерка е да се стимулира зголемување на платите на вработените во приватниот сектор преку финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените до 100 евра.
Според Владата, зголемувањето на платите на администрацијата, како и мерката која е насочена за зголемување на платите во приватниот сектор ќе го подобри животниот стандард на граѓаните.