Владата на Република Македонија на денешната 71. седница донесе одлука за давање согласност на Договорот за доделување на државна помош на Друштвото за производство, трговија и услуги БАУМЕР ДООЕЛ Скопје, кое ќе произведува софистицирана мерна опрема и која, како дел од својата инвестиција ќе организира развојно истражувачки центар.
Како што соопшти Владината прес-служба, министрите во Владата денеска донесоа одлука за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 и за висината на закупнината со Друштво за производство, трговија и услуги БАЛКАНЛАР ПЛАСТИК ПРОИЗВОДСТВО ДОО увоз – извоз Скопје, како закупец на земјиште. Сопственото учество на компанијата во оваа инвестиција изнесува 8 милиони евра, и предвидува 80 вработувања.
На оваа, 71 седница, Владата донесе Одлука за давање согласност на Договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштво за производство, трговија и услуги ЗЕНИТ ИНТЕРНАЦИОНАЛ ПРОДУКТС ДООЕЛ Скопје, како закупец на земјиште, и одлуки за определување на периодот на закуп и за висината за закупнината на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1. Овој договор за државна помош за една странска инввестиција е 13-ти по ред за една година и вреди 3 милиони евра.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за формирање на Комисија за евалуација на барањата за финансиска поддршка на инвестиции, и го задолжи Министерството за економија, врз основа на доставените номинации, да достави Решение за формирање на оваа комисија.
Владата на денешната редовна 71. седница донесе одлука да го определи заменик претседателот задолжен за европски прашања Бујар Османи да претседава со 15-от состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација, кој ќе се одржи на 19 и 20 јуни 2018 година во Скопје.
Со оваа одлука се задолжува Секретаријатот за европски прашања да ја координира подготовката на 15-от состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација кој ќе се одржи на 19 и 20 јуни 2018 година во Скопје, и на кој ќе бидат разгледани клучни прашања од важност за процесот на интеграција на Република Македонија кон Европската Унија.
Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Договорот за статус меѓу Република Македонија и Европската Унија за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија (ФРОНТЕКС), и го определи Оливер Спасовски, Заменик Претседател на Владата на РМ и министер за внатрешни работи, во име на Владата на Република Македонија, да го потпише Договорот за статус меѓу Република Македонија и Европската Унија за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија.
На денешната седница, владата ја разгледа и усвои информацијата за подготовки за одржување на Првата заедничка владина седница помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Одлуката за вкупната инсталирана моќност на повластените производители на електрична енергија кои користат повластена тарифа, и донесе Одлуката за вкупната инсталирана моќност на повластените производители на електрична енергија кои користат повластена тарифа.
Со оваа одлука се врши усогласување на постоечката фактичка состојба за прашањата кои што се предмет на нејзиното уредување, а се однесува на вкупната инсталирана моќност на електроцентралите за кои се применуваат повластените тарифи за купопродажба на електрична енергија, согласно одредбите од новиот Закон за енергетика.
Владата на Република Македонија го разгледа и прифати Акцискиот план за Проектот „Зајакнување на дневните болници“ , и го задолжи Министерството за здравство на секои шест месеци до Владата да доставува информација за прогрес на активности од Акцискиот план, се до конечна реализација на Проектот „Зајакнување на дневните болници”.
Проектот „Зајакнување на дневните болници“ се однесува на концепт на воведување на „оне даѕ сургерѕ“(еднодневна терапија од областа) и други „оут патиент“ процедури без ноќевање и болнички престој на пациентите во случаи кога нема потреба од опсервација на состојбата на пацинетот. Во оваа насока ќе бидат изготвени упатства и ќе бидат адаптирани соодветни просторни услови во рамките на општите и клиничките болници каде постојат услови врз основа на направена проценка.
На денешната седница, Владата на Република Македонија го именува Гоце Чакаровски, за Национален координатор за здравство.
На предлог на Управата за заштита на културното наследство, Владата денеска донесе Одлука споменичката целина „Археолошки локалитет Хераклеа Линкестис” во Битола, да биде прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија – големо значење.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за активностите за изработка на среднорочна Стратегија за општествена одговорност на Република Македонија.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои одлуката за формирање на Дигитален форум за информатичко комуникациски технологии. Дел од задачите на форумот се да учествува со советодавни услуги за забрзување на дигиталната трансформација на Република Македонија, за промоција на дигитализација и нови бизнис модели во земјата, за начинот на промовирање на Република Македонија како следна дестинација за ИКТ инвестиции во Европа, како и за други прашања поврзани со дигиталната трансформација на Република Македонија, стои во соопштението од Владината прес-служба.